Дома >> Емоции? >> Изворот на променет живот

Изворот на променет живот

Дали некогаш си си рекол: „Го мразам мојот живот“? Како човек да доживее вистинска промена во животот? Позитивна промена?

Отсекогаш копнеев да бидам среќен. Сакав да бидам меѓу најсреќните луѓе на светот. Исто така посакував и да ја пронајдам смислата на животот. Ги барав одговорите на следниве прашања:

  • „Кој сум јас?“
  • „Зошто постојам на овој свет?“
  • „Каде одам?“

Но најмногу од сè сакав да бидам слободен. Сакав да бидам најслободниот човек во светот. За мене слободата не беше да го правам тоа што сакам, бидејќи секој може да го прави тоа. Слободата за мене значи да ја имаш силата да го правиш тоа што знаеш дека треба да го направиш. Повеќето луѓе знаат што треба да направат, но ја немаат силата да го сторат тоа. Затоа почнав да ги барам одговорите.

Во кои работи човек може да доживее позитивна промена?

Ми изгледаше како секој да е вклучен во некаква религија, па затоа и јас одев во црква. Мора да сум одел во погрешната црква, бидејќи одејќи таму се чувствував уште полошо. Одев во црква, насабајле, напладне и навечер, но тоа не ми помогна. Јас сум многу практичен човек, па така, ако нешто не функционира, го фрлам тоа нешто. И така, се откажав од религијата.

Се прашував дали одговорот лежи во престижот. Си мислев, можеби ако бидам водач и се нафатам за некоја цел, да станам популарен на пример или нешто слично, дека тоа ќе помогне. На универзитетот каде што студирав, студентите водачи ги контролираа парите доделени на студентските организации и со нив ги манипулираа луѓето. Па затоа се кандидирав за претседател на бруцошите и ме избраа. Беше супер сега кога сите ме знаеја, носев важни одлуки и ги трошев парите на универзитетот за да поканувам разни гости - говорници. Беше навистина прекрасно, но како сè друго, и ова набргу избледе. Кога станував во понеделник наутро (обично имав главоболка што се должеше на претходната ноќ) си мислев: „Оф, леле. Ајде уште пет дена.“ Така гледав што побргу да поминат тие пет дена. Мојата среќа се засноваше на три ноќи секоја недела: петок, сабота и недела. И злобниот циклус ќе почнеше одново во понеделник.

Барајќи животна промена, позитивна промена

Се сомневам дека многу студенти биле сериозни во барањето на смислата, вистината и целта на животот колку што бев јас.

Додека студирав забележав една мала група на студенти (вкупно осум). Имаше нешто различно во нивните животи. Не беа како другите. Изгледаше како да знаат зошто веруваат во тоа во што веруваат. Исто така ми изгледаше дека знаат каде одат во животот.

Тие не зборуваа само за љубов, туку беа активни. Беа над обичниот студентски живот. Додека другите беа под притисокот на секојдневниот живот, овие изгледаа како да водат задоволен и мирен живот кој не беше воден од околностите. Како да поседуваа еден внатрешен и постојан извор на среќа и радост. Тие беа „одвратно“ среќни. Тие имаа нешто што јас го немав.

Како и секој нормален студент, кога го посакува тоа што другиот го има, а тој го нема, така и јас автоматски го посакував тоа што тие го имаа. Така одлучив да се спријателам со овие навидум чудни луѓе. Две недели по таа одлука, се собравме сите заедно на нивното собирање. Бевме собрани вкупно осум души. Разговорот почна да се врти околу Бог.

Прашувајќи за промена во животот, за позитивна промена

Ми беше досадно, па се свртев кон една од студентите, која беше згодна девојка (мислев дека сите христијани се грозни), се навалив наназад (за да не помисли дека сум заинтересиран за неа) и ја прашав: „Кажи ми, што ги промени вашите животи? Зошто вашите животи се толку различни од останатите студенти на овој колеџ?“

Таа млада девојка мора да имала цврсти убедувања. Таа ме погледна право во очите и изговори два збора кои јас не очекував да бидат понудени како одговор од академски граѓанин: „Исус Христос.“

На тоа јас вратив: „Те молам, не ми го продавај тоа ѓубре. До тука ми е од религија, црква и Библија. Затоа, не ми зборувај за религија.“

Таа возврати: „Еј, јас не кажав религија. Јас само кажав Исус Христос.“ Таа ми укажа на нешто што јас не го знаев порано, а тоа е дека христијанството не е религија. Религија е кога човекот се обидува на свој начин да стигне до Бог преку правење на добри дела. Христијанството е кога Бог доаѓа кај луѓето преку Исус Христос и им нуди врска со Него.

На универзитетите има повеќе луѓе со погрешни сфаќања за христијанството отколку на кое било друго место во светот. Пред некое време запознав еден асистент кој на еден семинар ја даде следнава изјава: „Секој што оди во црква станува христијанин.“ Јас возвратив: „Дали стануваш кола кога влегуваш во гаражата?“ Уште од порано некој ми има кажано дека христијанин е оној што искрено верува во Христос.

Додека размислував за христијанството, моите нови пријатели ме предизвикаа да го испитам животот на Исус на интелектуален начин. Открив дека Буда, Мухамед и Конфучие никогаш не тврделе дека се Бог, само Исус го тврдеше тоа. Потоа, моите пријатели ми рекоа да ги разгледам доказите за божественоста на Исус. Тие беа убедени дека Исус е Бог во човечко тело, Кој умрел на крстот за гревовите на човештвото, беше погребан и воскресна по три дена и може да го промени животот на било кој денес.

Си помислив дека сето тоа е фарса. Повеќето од христијаните ги сметав за идиоти. Запознав доста такви. На предавањето чекав да се јави некој христијанин за да го „одерам“ жив пред тоа да го направи професорот. Си мислев ако христијаните имаат барем една клетка во мозокот, сигурно умира од досада.

Но овие луѓе постојано ми поставуваа нови предизвици. На крај го прифатив нивниот предизвик. Го сторив тоа зашто бев самоуверен и сакав да ги побијам со факти. Мислев дека воопшто нема никакви докази што човек би можел да ги земе предвид.

По многу месеци проучување дојдов до заклучокот дека Исус Христос мора да бил тоа што тврдел дека е. Со тоа се јави еден голем проблем. Мојот ум ми велеше дека сево ова е вистина, но мојата волја ме влечеше во друг правец.

Открив дека да станеш христијанин, навистина го раздрмува егото. Исус Христос директно ја предизвика мојата волја: да Му верувам или не. Ќе парафразирам една Негова изјава: „Еве, цело време стојам пред вратата и постојано чукам. Ако тој што го викам Ме чуе и ја отвори вратата, ќе влезам“ (Откровение 3:20). Воопшто не ми беше гајле дали Исус може да оди по вода и дали може да претвори вода во вино. Едноставно не сакав некој да ми го расипе животот што си го имав досега. Има ли побрз начин некој да ви ја расипе забавата? И така, бев во недоумица. Мојот ум ми велеше дека христијанството е вистинито, а мојата волја бегаше што подалеку.

Сè повеќе сум свесен дека го мразам мојот живот

Секогаш кога ќе бев опкружен со овие христијани, конфликтот во мене ќе започнеше. Ако некогаш си бил опкружен со среќни луѓе кога тебе ти е мизерно, тогаш знаеш колку можат да бидат досадни и да ти пречи нивното присуство. Тие беа толку среќни, а јас толку очаен што буквално истрчував надвор од собирањата што ги имавме. Си легнував во десет и не можев да заспијам до четири наутро. Знаев дека морам да се решам пред да полудам. Конечно мојот ум и моето срце се поврзаа на 19 декември 1959 год., во 20:30 часот, кога бев втора година на факултет. Тогаш станав христијанин.

Таа ноќ се молев за четири работи за да ја започнам врската со Исус Христос кои целосно го изменија мојот живот. Првин реков: „Господе Исусе, Ти благодарам што умре на крстот за мене.“ Второ: „Ги исповедам оние работи од мојот живот што не Ти се угодни и Те молам прости ми и исчисти ме.“ Трето: „Во овој момент, на најдобар начин што знам, ја отворам вратата од моето срце и верувам во Тебе како мој Спасител и Господ. Превземи ја контролата над мојот живот. Промени ме од внатре кон надвор. Направи ме таков каков што сакаш да бидам.“ И последната работа што ја молев беше: „Ти благодарам што преку вера влезе во мојот живот.“ Одлуката што ја донесов беше заснована на вера, а не на незнаење. Беше заснована на доказите од историјата и Божјото Слово.

Сигурен сум дека си слушнал различни религиозни луѓе кои го опишуваат нивното лично искуство доста драматично и со доста придружни појави. Откако јас се молев, ништо не се случи. Навистина ништо. Не ми изникнаа крилја или нешто слично. Всушност, по таа одлука, се чувствував уште полошо. Буквално се осеќав како да ќе повраќам. Си мислев: „Ох, не. Во што ли се вовлеков? Леле мајко.“ Навистина се чувствував како да полудев (и сигурен сум дека некои луѓе така и мислеа за мене).

Бог и промена на животот, позитивна промена

Но во периодот од шест месеци до година ипол, открив дека не сум полудел. Мојот живот беше променет. Еднаш влегов во дебата со професорот по историја и му реков дека мојот живот е променет. Тој ме прекина и запраша: „Г-дине Мекдауел, дали сакате да ни кажете дека Бог навистина ви го променил животот во овој 20-ти век? Кои области од вашиот живот ги променил?“ По околу 45 минути од моето излагање тој рече: „Во ред, тоа е доволно.“ Ќе наведам само нешто од тоа што тогаш го реков.

Едно нешто што Бог промени кај мене беше постојаниот немир (вознемиреност) што беше присутен во мојот живот. Секогаш морав да бидам зафатен со нешто. Мојот ум беше окупиран со разни конфликти, кои одземаа многу од моето време. Ќе седнев за да учам, но не можев да учам. Неколку месеци по мојата одлука да станам христијанин, во мене се разви еден вид на ментален мир. Немој да ме сфатиш погрешно. Не сакам да кажам дека конфликтите исчезнаа. Тоа што го открив во врската со Исус не беше отсуството на конфликти, туку способноста да се справам со нив. Не би сакал да го сменам тоа за ништо на светов.

Друга работа што почна да се менува кај мене е избувливоста. Порано избувнував дури ако некој само ме погледнеше. Сеуште ги носам лузните во себе од една ситуација кога за малку ќе убиев еден студент кога бев бруцош. Избувливоста беше вграден дел од мене, што не се ни обидував со свесен напор да го сменам тоа. Но откако станав христијанин повеќе не избувнував. Кога еднаш се јави една ситуација, во која под нормални услови ќе избувнев, открив дека веќе не избувнувам. За 14 години имам избувнато само еднаш.

Позитивна промена и кај омразата

Има уште една работа во мојот живот на која не сум горд. Но ја спомнувам затоа што на многу луѓе им е потребна истата промена во нивните животи, а јас го најдов изворот на промената: врска со Исус Христос. Се работи за омразата. Имав многу омраза во мојот живот. Таа не се манифестираше надворешно, туку се таложеше внатре во мене. Лесно се нервирав поради луѓе, разни работи и сл.

Но најмногу од сè на светот го мразев мојот татко. Го мразев од дното на душата. За мене тој беше најголемиот пијаница. Сите знаеја дека татко ми е пијаница. Моите пријатели ме задеваа и кажуваа вицеви за татко ми како се тетеравел во градот. Тие мислеа дека тоа не ми пречи. Јас се однесував како и останатите, однадвор се смеев, но одвнатре плачев. Често ја гледав мајка ми како лежи толку претепана во шталата, што не можеше ни да стане, лежејќи во изметот од кравите. Кога на гости ни доаѓаа пријатели, јас ќе го врзев татко ми со јаже во амбарот, а неговата кола ќе ја паркирав позади силосот за жито. На пријателите ќе им кажевме дека тој имаше некоја итна работа и мораше да замине. Мислев дека никој не може да мрази некого толку многу, колку што јас го мразев татко ми.

По одлуката за Христос, Тој влезе во мојот живот и Неговата љубов беше толку силна што ја стопи мојата омраза. Можев да погледнам директно во очите на татко ми и да му речам: „Тато, те љубам.“ И навистина го мислев тоа. После сите тие работи што јас му ги направив, таа моја изјава го изненади.

Кога се префрлив на приватен универзитет, доживеав тешка сообраќајка. Вратот ми беше во гипс и морав да се вратам дома. Никогаш нема да заборавам кога татко ми влезе во собата и ме праша: „Сине, како може да љубиш татко каков што сум јас?“ Јас му реков: „Тато, пред шест месеци јас те презирав од дното на душата.“ Тогаш му кажав за мојата одлука за Христос: „Тато, јас Го поканив Исус Христос во мојот живот. Не можам да објаснам во детаљи, но како резултат на таа врска со Исус, сега можам да ги љубам и прифаќам луѓето такви какви што се, вклучувајќи те и тебе.“

По 45 минути се случи една од највозбудливите работи во мојот живот. Некој од моето семејство, некој што ме знаеше премногу добро за да можам да го излажам, ми рече: „Сине, ако Бог може да го смени и мојот живот, како што гледам дека го сменил твојот, тогаш би сакал да Му ја дадам таа шанса.“ Во тој момент татко ми се помоли и прими прошка за неговите гревови преку верата во Христос.

Обично е потребно време од неколку дена, недели, месеци, па дури и години за промена во животот. Но со татко ми, промената беше моментална. Никогаш дотогаш, ниту пак оттогаш немам видено таква брза промена. Од тогаш татко ми има допрено виски само еднаш и тоа само со неговите усни. Дојдов до единствениот можен заклучок. Врската со Исус Христос навистина менува животи.

Животната промена, позитивна промена

Можеби и ти го исмејуваш христијанството како јас порано. Но да ти кажам, сепак е вистина и ги менува животите. Ако поверуваш и Го примиш Христос, ќе увидиш и во твојот живот како ќе се менуваат твоите ставови и твоето однесување, а сето тоа е затоа што Исус Христос е во бизнисот на менување животи.

Но не можеш некого со сила да натераш да стане христијанин. Сè што можам да направам е да кажам што јас имам научено. После тоа, одлуката останува на тебе.

Можеби молитвата што јас ја кажав ќе ти помогне и на тебе: „Господе Исусе ми требаш. Ти благодарам што умре на крстот за мене. Те молам прости ми и исчисти ме. Во овој момент, на најдобар начин што знам, ја отворам вратата од моето срце и верувам во Тебе како мој Спасител и Господ. Направи ме таков каков што сакаш да бидам. Во името на Христос, Амин.“



Џош Мекдауел е познат говорник, писател и претставник на Нова Надеж. Има напишано над педесет книги меѓу кои и Кој е Исус? и Докази што бараат пресуда (Evidence That Demands A Verdict).


  • Прати ја страната на пријател
  • Како да започнеш лична врска со Бог?


  •  
    Ресурси
    Имаш прашање?
    Имаш прашање?
    Пиши ни.