×
ПРЕБАРАЈ
StudentskiOdgovori.com
Сигурно место за истражување на
 прашања поврзани со Бог и Животот
Суштински прашања

Живеејќи со надеж

Еден студент со ХИВ и хемофилија живееше со надеж, поради една причина. Како ти може да имаш надеж без оглед на тоа што ќе ти донесе животот.

WhatsApp Share Facebook Share Twitter Share Share by Email More PDF

Од Стив Сојер (Steve Sawyer)

Вистински настан... Во основно, Стив Сојер, кој веќе имаше хемофилија, се здоби со ХИВ вирусот и хепатит Ц од непроверена крв при трансфузија. Години подоцна, кога беше 19, знаејќи дека смртта е неизбежна и близу, Стив го искористи остатокот од животот да патува по стотици универзитети за да им сподели на студентите како научил да живее со надеж и внатрешен мир и покрај тешката ситуација. Илјадници студенти кои го слушнале Стив, можат да кажат дека неговата сторија за надежта и Божјата љубов ги променила и нивните животи засекогаш. Ова што следи е скратен говор што Стив го држеше на универзитетот Калифорнија во Санта Барбара.

Еднаш еден воен брод исплови во густа магла од брегот на Мејн. Таа ноќ стражарот примети светлина во далечината и веднаш го извести капетанот: „Една светла точка се движи право кон нас, што да правам?“ Капетанот му рече да му сигнализира со светлосни сигнали да го промени правецот на движење. Но одговорот што дојде оттаму беше: „Не, вие сменете го вашиот курс.“ Капетанот повторно му рече на стражарот да ја предупреди другата страна да го смени курсот. Одговорот повторно беше: „Не, вие сменете го курсот.“ При последниот обид стражарот ја испрати следнава порака: „Овде е капетанот на еден воен разурнувач, под итно да го смените курсот.“ Одговорот што дојде беше: „Не, вие сменете го вашиот курс. Ова е светилник.“

Оваа приказна илустрира како ние како луѓе се стремиме да се справиме со болка и страдање. Секогаш сакаме околностите околу нас да се сменат, наместо ние да се смениме и да се прилагодиме на новите услови. Мојот живот е совршен пример за тоа.

Живеејќи со ХИВ: Почетните фази

Јас сум роден со хемофилија. Тоа е болест на крвта што предизвикува отечување на коските и зглобовите без посебна причина. За да се спречат последиците од хемофилијата потребен е еден протеин кој се добива од залихите на разни групи донирана крв. Некаде помеѓу 1980 и 1983 год., еден од донаторите на мојата група беше заразен со ХИВ вирусот. Како резултат на тоа, сите лекови што ги примав од таа конкретна група (можеби дури и стотици) беа заразени со ХИВ. На истиот начин, подоцна се здобив и со хепатит Ц.

Ми кажаа дека сум ХИВ позитивен дури кога бев втора година средно. Појата првична реакција беше доста вообичаена за некој што се соочува со нешто неизлечиво. Јас едноставно негирав дека сум ХИВ позитивен и се преправав дека не постои. ХИВ вирусот не болеше како хемофилијата. Страшно боли кога мускулите и зглобовите ќе отечат. Но ХИВ вирусот немаше никакви надворешни симптоми. Бидејќи немаше видливи знаци, беше лесно да се преправам како воопшто и да не постои. И моите родители се однесуваа на ист начин. „Добар си, изгледаш добро, значи мора да си добро“, велеа тие.

Живеејќи со ХИВ: Негирање

Еден добар пример за ваков вид на негирање е филмот Монти Пајтон во потрага по Светиот Грал. Во една сцена, кралот Артур трча низ шумата и одеднаш му се испречува еден витез во црн оклоп. Тој му го попречува патот и на Артур му станува јасно дека овој нема да го пушти, освен ако не го победи во борба. Борбата започнува и кралот Артур успева да му ја отсече едната рака на црниот витез. Артур го враќа својот меч на место, се поклонува и почнува да оди за да го одмине витезот, но овој му вели: „Не!“ Артур му одвраќа: „Само што ти ја пресеков раката!“ Витезот гледа во раката и вели: „Не, не си ја пресекол!“ Кралот Артур погледнува на земјата и покажува на пресечената рака велејќи: „Како не, ене ја како лежи на земјата!“ А витезот одговара: „Тоа е само телесна рана.“ Тогаш кралот Артур сфаќа дека ќе мора да му нанесе многу тешки повреди за да може да го откачи. И така борбата продолжува и Артур успева да му ги отсече сите екстремитети од телото на витезот и на крај му останува само основата со главата. Како што кралот Артур го одминува, го слуша црниот витез како вика од далечината: „Кукавицо, врати се! Ќе ти ги одгризам колената!“

И сам може да увидиш дека витезот ја негираше вистината. Тој не можеше да се помири со фактот дека ја изгубил битката. Иако ова е хумористичен приказ на негирањето (одрекнувањето), опасноста од негирање е навистина многу голема. Ако продолжев да го негирам фактот дека сум ХИВ позитивен, немаше да ги превземам вистинските мерки за заштита од исекотини и ќе можев навистина да повредам или дури и да убијам некого. Но исто така, последиците од негирањето на такви работи се доста опасни и болни за самиот себе. Кога потиснуваш нешто толку долго време и се преправаш дека не постои, тоа се насобира и на крај експлодира.

Живеејќи со ХИВ: Залудноста на негирањето

Таа состојба на негирање ја одржував околу три години. Но кога бев четврта година средно, сериозно се разболев. Симптомите од болеста почнаа да се покажуваат. Белите крвни зрнца се тие што се борат против секоја инфекција и нивниот број во крвта кажува дали човек е ХИВ позитивен и дали има сида. Кога нивниот број е под 200, се смета дека сидата е целосно развиена. Моите бели крвни зрнца беа 213 и нивниот број се намалуваше. Јас бев многу болен и блед и не можев да ја задржам храната што ја јадев. Повеќе не можев да се преправам дека немам сида/ХИВ.

Негирањето повеќе не беше избор, така што морав да изнајдам нов начин да се справам со сè што доживував. Прво што се обидов е да обвинам некој друг. Мислев дека ќе се чувствувам подобро ако некој пријде и ми каже: „Стив, ова е моја грешка. Извини.“ Така одлучив да ја обвинам целата хомосексуална заедница. Тоа беше лесен изговор. Но кога размислив малку повеќе, сфатив дека е глупаво да обвинам група на луѓе за мојот проблем. Тогаш одлучив да Го обвинам Бог. Во тоа време јас не верував во Бог, но си мислев, ако некој воопшто има некаква контрола над сево ова, тоа е Бог. И така Го обвинував Бог.

Живеејќи со ХИВ: Гнев и лутина

Ако имаш на кого или на што да ја насочиш насобраната болка, тогаш таа се претвора во гнев и лутина. И со тек на време се претвора во бес. Сега почнав да се гневам и да се лутам на секоја ситница. Секогаш кога некој ќе речеше нешто што ми пречеше, ќе се истурев на него со сиот гнев, удирав по ѕидови, ја растурав собата и други слични работи.

Но увидов дека гневот го помрачува умот и ме спречува да се однесувам рационално. И што е уште полошо, ги повредував оние кои ги љубев. Многу подобар начин да се справиш со болка е да плачеш, бидејќи така не повредуваш никого, а и се чувствуваш многу подобро.

И така дојдов до дното. Бев сам во својата соба, бев многу болен и имав изгубено доста од својата телесна тежина. Се дерев, Го пцуев Бог, удирав по ѕидовите од собата и тогаш влезе татко ми и ја затвори вратата зад него. Татко ми порано беше алкохоличар. Преку терапија со АА (Alcoholics Anonymous) тој дозна за Бог. Татко ми ме погледна и ми рече: „Стив, јас не можам да ти помогнам, ни твоите доктори, ни мајка ти, ниту пак самиот ти. Единствениот кој може да ти помогне сега е само Бог.“ И излезе од собата и ја затвори вратата.

Живеејќи со ХИВ: Барајќи помош

Бидејќи пред некоја минута Го пцуев Бог се чувствував дека баш и не сум во позиција да барам помош од Бог. Но немав друг избор. И така паднав на колена и низ солзи реков: „Во ред Боже, ако постоиш, помогни ми и јас ќе Ти помогнам на Тебе.“ За кратко време по тоа, ја повратив изгубената тежина, а бројот на белите крвни зрнца се искачи на 365, што беше навистина прекрасно. Се чувствував одлично... без некоја посебна причина. И си реков: „Ти благодарам Боже. Чао. Навистина е убаво тоа што го направи. Пријатно.“

Завршив средно и отидов на колеџ за да го полагам приемниот тест. Тогаш го запознав мојот цимер. Го завршив полагањето и еден висок, слаб, плав дечко ми пријде и ме праша: „Еј, изгледаш како нормален тип. Сакаш да бидеме цимери?“ А јас си помислив во себе: Добро, ама ти не ми изгледаш како нормален, ама и... Во ред“, му реков. И така станавме цимери и не само тоа, туку станавме и најдобри пријатели. Дознав дека тој е христијанин. Моето мислење за христијаните тогаш беше дека тие се лицемерни, арогантни и осудувачки луѓе. Си мислев дека христијаните можат да бидат само такви. Но мојот цимер беше поинаков.

Тој имаше проблем со дислексија. Забележав дека кога ќе наидеше на проблем додека учеше и кога ќе се изнервираше, едноставно ќе престанеше со учење, ќе ги затвореше очите, ќе изговореше една молитва, ќе вдишеше длабоко и ќе продолжеше со учењето. Во такви моменти јас едноставно ќе почнев да лудувам и да кршам работи, да удирам по ѕидови и сл. Неговата реакција навистина ме изненади. Си мислев: Како издржува овој, а да не скрши ништо? Мора да скршиш нешто! Навистина бев запрепастен поради начинот на кој тој се справи со тој проблем.

За време на пролетниот одмор, цимерот ме покани да дојдам со него на плажата Дејтона. Кога бевме на плажата тој почна да разговара со еден дечко кој седеше близу до нас. Отпрвин разговаравме за општи работи. Но по кратко време, мојот цимер реши да навлезе подлабоко во разговорот со потешки теми. Јас воопшто не ни сакав да навлегувам во тоа. Си имав свои проблеми кои ме мачеа. Тешко е да живееш со сознанието дека ќе умреш млад. А и не сакав да зборувам за тие работи со некој непознат на плажа и затоа постепено се исклучив од разговорот. Тие продолжија да разговараат и некако дојдоа до темата за христијанство. Мојот цимер се обиде да му објасни на дечкото што е тоа во што тој како христијанин верува. Јас си имав своја претстава за тоа како изгледа некој христијанин, но никогаш не знаев во што веруваат. Па така наслушнував што зборуваа.

Живеејќи со ХИВ: Тоа што Бог го нуди

Не знам дали можам да го објаснам тоа толку добро како што тој го објасни, но рече отприлика нешто вака: „Се разбира дека верувам во Бог. Верувам и дека Бог нè создал за да имаме врска со Него. Но работата е што ние не сакаме да имаме врска со Него, па затоа Го отфрламе. Тоа одбивање, тоа бунење, без разлика дали се работи за активно побунување против Него или пасивна незаинтересираност, Библијата го нарекува грев. Бидејќи не ми се допаѓа зборот „грев“, тоа го замислувам како отфрлање или буткање на Бог настрана. И бидејќи сите го имаме направено тоа, а сме создадени за да имаме врска со Него, заслужуваме казна. Казната за нашата побуна против Бог е смрт. Постои и духовна смрт, а тоа е одвоеност од Бог.“ Ха, супер нема што - си помислив во себе.

Тогаш јас проговорив: „Ама, нели Бог сите нè љуби.“ А тој рече: „Но Бог е исто така и праведен. Љубов без праведност не значи многу.“ Бидејќи не го разбрав, тој се обиде да појасни: „Замисли си како ја отфрлаш личноста што најмногу ја љубиш и за кого би го дал својот живот и не го гледаш подолго време. И тогаш еден ден ја гледаш истата личност на само педесет метри од тебе и се стрчуваш за да го прегрнеш, но тој те запира и вели: 'А не, се сеќаваш кога ме отфрли пред многу години?' Сега замисли си како Го отфрлаш Бог, најголемата љубов во вселената.“

Тогаш реков: „Хм, тоа воопшто не е добро.“ Мојот цимер продолжи: „Но, за среќа, приказната не завршува овде. Бидејќи Бог нè љуби и се грижи за нас толку многу, Тој одлучи да ја плати казната наместо нас. Тој Го испрати Својот Син, Исус, да умре на крстот наместо нас. А бидејќи Исус (Бог во тело) живееше безгрешен живот, можеше да ја плати казната за друг. Тој плати за нас.“

И уште рече: „Потоа, Исус воскресна од мртвите по три дена. Тој ја победи духовната смрт и ни нуди вечен живот. Значи сега смртта не е тоа што нè чека откако ќе умреме, туку вечност помината со најголемата љубов во целата вселена.“

Јас само изустив: „Леле...“ „Но“, продолжи мојот цимер „штосот е во тоа што иако Тој го нуди вечниот живот и ја плати казната, ако ти лично не ја примиш таа понуда... па, твој избор е.“ Ни мене, ни на тој другиот дечко ова не ни беше баш најјасно, па мојот цимер се обиде да објасни со следниов пример: „Замисли дека си со кола на пат и возиш 120 на саат, а е дозволено само 60. Леташ по патот и одеднаш те сопира полицаец и ти пишува казна. За да ја платиш казната мора да се појавиш на суд наредниот ден. И така, си доаѓаш на суд наредниот ден и го гледаш судијата, кога тоа да ти бил татко ти и си викаш Еј, па тоа е татко ми. Татко ти те погледнува и те прашува: 'Стив, дали го прекрши законот?' Ти одговараш: 'Да.' И тој продолжува: 'Во ред, или 5 000 денари казна, или два дена во затвор!' Тој удира со чеканот и тоа е конечната пресуда.“

„Тој мораше да донесе таква одлука бидејќи како судија, тој е праведен и фер. Но замисли, откако ја кажува пресудата, тој се симнува од своето место, ја соблекува судиската тога, посегнува по својот паричник и ти ги нуди 5 000. Бидејќи те љуби тој е спремен да ја плати казната за тебе. Но ти мора да го примиш тој подарок. Тој стои пред тебе со 5 000 и ти вели: 'Еве, повели.' Значи пред тебе е избор. Слично е и со Бог. Слободно може да Му кажеш: 'Не фала. Јас ќе си ја поминам вечноста одвоен од Тебе.' Се работи за избор што ти сам мора да го донесеш.“

Мојот пријател кажа дека начинот на кој може да се прими тој порадок е преку молитва. Тој рече: „Едноставно го примаш Божјиот дар. Дарот е според Неговата благодат. Не треба ништо да направиш за да го заслужиш или заработиш тој дар. Тоа е бесплатен дар од Бог.“ Тоа беше прв пат во мојот живот да слушнам за благодат. Тој продолжи понатаму да зборува: „Тоа е дар што го примаш со вера преку молитва.“ И мојот цимер се понуди да се моли заедно со другиот дечко. И додека тој се молеше на глас, се молев и јас, но во себе.

Живеејќи со ХИВ: Справување со стравот

Од тој миг па натаму, мојот живот се промени од корен. Кога си легнував, повеќе не морав да се мислам и да се плашам дали ќе бидам жив утре. Повеќе немав страв од смртта, затоа што со смртта не завршува животот, туку кога ќе умрам ќе ја поминам вечноста со најголемата љубов во светот. Огромен товар се симна од моите рамења.

И моите родители го примија тој дар исто така. И тие Му се молеа на Бог како што и јас се молев. И нивните животи исто така се променија од корен. Неверојатно е да се помисли дека би пуштиле да отпатувам од дома, знаејќи дека ми преостануваат најверојатно уште шест месеци живот. Замисли само колку тешко им било кога стоеле над мене гледајќи како нивниот син споро умира. Тие не можеа ништо да сторат. Но сега, единствената причина поради која тие можат да се справат со тоа и единствената причина поради која јас можам да се справам со тоа е тоа што Го имаме Христос во нашите животи.

Живеејќи со ХИВ: Знаејќи Го Бог

Дали ќе ми дозволиш да ти го понудам Божјиот дар? Сигурен сум дека доколку ти би го имал лекот за сидата, веднаш би ми го понудил. Јас го знам патот до вечноста, тоа е бесплатен дар од Бог. Сакам да ти го понудам и тебе. Ако поминуваш низ нешто со што не можеш сам да се справиш и ти треба некој што ќе биде покрај тебе за да те поткрене кога целиот свет е против тебе, тогаш те молам моли се со мене сега. Тоа не се магични зборови, ниту пак е некое врвно емотивно доживување. Туку, тоа е почеток на врската со Бог. И како со секоја друга врска, така и за таа со Бог е потребно време за да се развие. Потребен е труд. Затоа те потикнувам, ако навистина мислиш дека ти треба ова, тогаш не ја испуштај можноста. Бесплатно е.

Сега ќе ја кажам молитвата. Сржта на молитвата не е да ги затвориш очите, да ја наведнеш главата, да ги прекрстиш рацете и да извикуваш „Алелуја!“ Молитвата е став на срцето. Молитвата е да Му кажеш на Бог: „Боже, го прекршив законот. Те отфрлив Тебе, но сега сакам да се вратам примајќи го Твојот дар.“ Ако се чувствуваш дека треба да се молиш, тогаш те молам помоли се сега со следнава молитва: „Господе Исусе ми требаш. Ти благодарам што умре на крстот за мене. Те поканувам да влезеш во мојот живот и да ме направиш таква личност каква што ти посакуваш да бидам. Амин.“

Сега, ако искрено се помоли, ти ја започна најголемата и најзначајната врска во твојот живот - врската со Бог. И врската не застанува само на молитвата. Врската со Бог е процес. Тоа значи секојдневно да имаш доверба во Бог, да го правиш не она што мислиш или чувствуваш дека треба, туку она што мислиш дека Бог сака да го направиш. Многу луѓе ми имаат кажано: „Ако христијанството успева во твојот живот, одлично. Не ли можат други религии да бидат успешни за други луѓе?“ Тоа е добро прашање. Јас верувам дека Бог ни дал само еден начин за да дојдеме кај Него, преку Исусовата смрт на крстот. Точно е дека постојат елементи на вистина во другите религии. Но тие се воглавно збир на морални кодекси како: „Прави го ова седум пати дневно и ќе бидеш поблизу до Бог.“ Но ако се обидуваш со дела да стигнеш до Бог, тогаш колку дела е потребно да извршиш за да стигнеш кај Бог? Како знаеш дека си дошол до целта?

Мислам дека вистинитоста на христијанството лежи во Божјата благодат. Знаејќи дека никогаш не може да ја досегнеме Божјата совршеност, се надеваме на Неговата прошка. Целта е да чекориш по Неговиот пат, дури и ако паднеш многу пати. Ќе правиш грешки, но продолжи да одиш, верувајќи во Божјата благодат. Читај ја Библијата и ќе откриеш што сака Бог од тебе. И еден ден ќе имаш мир. Можеби тоа ќе се случи дури тогаш кога ќе дојдеш на небото, но тогаш ќе биде засекогаш.

Ако се соочуваш со ХИВ симптоми, хемофилија или хепатит Ц како Стив (или со какви било други проблеми во животот), а сакаш да прочиташ други објаснувања за тоа што Стив сакаше да го каже, тогаш кликни овде Запознај го Бог лично.

 Јас тукушто Го примив Исус во мојот живот (следуваат некои информации што ќе ти бидат од помош)…
 Можеби сакам да Го поканам Исус во мојот живот, (те молам објасни ми како да го направам тоа…)
 Имам прашање…

Стив Сојер умре откако му откажа црниот дроб на 13 Март, 1999 година. Нека неговата вистинска приказна те охрабри и тебе да Го примиш Исус, исто како што и Стив Го прими. Во неговите последни денови, тој сакаше да зборува барем на уште еден колеџ. Зошто? Еве го неговиот одговор: „Вредеше да се здобијам со сите овие болести што ме убиваат дури и за еден човек на тој колеџ да сфати дека може да има врска со Христос. Од аспект на вечноста, само тоа е важно.“

Може да имаме вечен живот ако Го примиме Исус. До небото не се стигнува со правење добри дела. Вечниот живот е бесплатен дар за оние кои ќе поверуваат во Исус.

Од Библијата...
„Зашто Бог толку го засака светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој кој верува во Него да не загине, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16).

„Сите скитавме како овци, и секој одеше по својот пат. А ГОСПОД ги возложи на Него беззаконијата на сите нас“ (Исаија 53:6).

Исус вели: „Кој го слуша Моето слово и верува во Оној Кој Ме прати, има вечен живот и не доаѓа на суд, туку премина од смрт во живот“ (Јован 5:24).

„О, смрт, каде ти е победата? О, смрт, каде ти е осилото?“ (1 Коринќаните 15:55).

„Бог ни даде вечен живот, и тој живот е во Неговиот Син. Кој Го има Синот, го има тој живот; кој Го нема Божјиот Син, го нема тој живот. Ова ви го напишав вам кои верувате во името на Божјиот Син, за да знаете дека имате вечен живот“ (1 Јован 5:11-13).

слики: Guy Gerrard, Tom Mills © Worldwide Challenge


СПОДЕЛИ ГО ТЕКСТОТ:
WhatsApp Share Facebook Share Twitter Share Share by Email More