Дома >> Емоции? >> Стабилност во нестабилен свет

Стабилност во нестабилен свет

Како да најдеш внатрешен мир: во времиња на несигурност, како да имаш мир наместо немир и грижи?

Што и да се случи во светот или во нашите лични животи, дали постои нешто што е стабилно на што може да се потпреш? Дали може да гледаме на иднината со надеж, гледајќи што сè се случува во светот? Во денешно време многу студенти гледаат на Бог како постојана константа. Светот околу нив постојано се менува, но Бог не се менува. Тој е постојан, непроменлив. Тој вели: „Има ли Бог освен Мене? Има ли Стена? Јас за друга не знам. Зашто Јас, Господ, не се менувам.“1 Бог е секогаш тука. Човек може да смета на Него. Тој е „истиот вчера, денес и во вечни векови.“2 И Тој може да ни се објави, да ни даде внатрешен мир преку Него и да ни даде мир во срцето.

Дали е можно да се има внатрешен мир?

Хедер (Heather), една дипломирана студентка од Стенфорд, вака го објаснува тоа: „Да се биде во доживотна врска со Бог е нешто навистина восхитувачки и претставува прекрасна, секојдневна реалност. Не би се откажала од тоа за ништо на светов. Љубена сум на начин што можам само да се надевам дека ќе ја пренесам таа љубов соодветно на другите.“

Студентот Стив Сојер (Steve Sawyer), хемофиличар, бараше стабилност и сигурност кога дозна дека се заразил со ХИВ преку трансфузија. Отпрвин Стив беше западнал во очај и Го обвинуваше Бог. Но тогаш Стив Го пронајде Бог. Исходот: во последните години од неговиот живот, Стив пропатувал низ многу универзитети (издржувајќи неподносливи болки) само за да им каже на студентите како можат да Го запознаат Бог и да доживеат мир каков што тој има доживеано. Бог вели: „Ви оставам мир, ви го давам Мојот мир. Не ви го давам како што го дава светот. Нека не се вознемирува вашето срце и нека не се плаши. Во светот имате неволи, но бидете храбри - Јас го победив светот.“3

Исто како Стив, така и многу студенти научиле дека без разлика што ќе се случи во нивните животи, тоа не е крајот на светот, бидејќи овој свет не е сè.

Го бараме Бог кога имаме проблеми

Многу луѓе чекаат работите да станат навистина тешки пред да се обратат кон Бог. Еден воен капелан од Втората Светска Војна објасни дека „во рововите нема атеисти“. Кога во животот ни цветаат рози, луѓето не чувствуваат потреба за Бог. Но тоа се менува кога работите ќе се влошат, кога ќе сфатиме дека сме во борбен ров.

Керин (Caryn), студентка од Вирџинија, вака го објаснува нејзиниот пат до Бог: „Јас си мислев дека сум христијанка затоа што одев во црква секоја недела, но јас воопшто не знаев кој е Бог. Кога стигнав до четврта година средно, таа по ништо не се разликуваше од претходните три. Поголемиот дел од времето се пијанев, дрогирав и се обидував да изнајдам начин некој да ме љуби. Умирав одвнатре и немав никаква контрола врз мојот живот. Тогаш сфатив дека не сакам да живеам повеќе и знаев дека кога ќе отидам на колеџ, ќе мора да најдам некаква надеж. Тогаш Го поканив Бог да влезе во мојот живот. Тој ми покажа љубов, ме прифати, ми даде сигурност, прошка, подршка, утеха и цел во животот. Тој е мојата сила и не би била денес овде, ако Него Го немаше.“

Кој знае што сè ќе се случи во наредните десет или сто години. Многу студенти се чувствуваат како да се во воен ров. Животот може да изгледа како вистинска битка. Најчесто така и е. Во моментите кога ни гори под нозете и кога хармонијата што сме мислеле дека ја имаме ќе се растури, Го бараме Бог. Тоа е во ред, бидејќи Бог, Кој е непроменлив е тука и сака да биде дел од нашите животи. Тој вели: „Јас, Јас Сум Господ, нема Спасител освен Мене. Обратете се кон Мене за да се спасите... зашто Јас Сум Бог и нема друг!“4

Да, некои можат да мислат дека Бог е подршка само за слабаци, но изгледа дека Тој е единствената вистинска подршка за сите луѓе.

Невидливите проблеми

Некои луѓе пак, се обраќаат кон Бог дури и кога животот добро им оди. Еден студент од Тексас по име Џон го дава својот пример: „До својата последна година од студиите, го постигнав сè она што луѓето ми велеа дека ќе ме исполни. Бев водач на неколку студентски организации и групи, учествував на сите забави, имав висок просек, изглегував со кул девојки итн. Сè што сакав да направам и постигнам ми успеа уште додека бев на колеџ. Но сепак, бев целосно неисполнет. Нешто сеуште недостигаше, а веќе не знаев што друго да направам и не знаев кому да се обратам. Се разбира, никој не знаеше како се чувствувам, бидејќи не покажував како ми е навистина.“

Значи дури и кога изгледа дека работите течат како подмачкано, животот задава проблеми. Најчесто, недостигот на внатрешен мир произлегува поради отсуството на Бог во нашите животи. Еве што Беки вели за својот живот откако Го запознала Бог: „Откако Го запознав Бог имав доста битки и промени во мојот живот, но сè што правам е со поинаква перспектива затоа што знам дека вечниот Бог, Кој ме љуби е на моја страна. Верувам дека не постои работа што заедно со Бог не можеме да ја направиме, а што се однесува до исполнетоста која толку упорно ја барав, конечно ја најдов.“

Кога Го имаме Бог во нашите животи, може да здивнеме. Како што ќе Го запознаваме и слушаме што Тој вели во Библијата, така ќе се развива внатрешен мир во нашите животи. Го гледаме животот од Негова гледна точка, свесни за Неговата верност и способност да се грижи за нас. Па така, што и да донесе овој нов милениум, слободно може да ја положиме нашата надеж во Бог како наша непроменлива константа. Тој чека да се покаже Себеси во нашите животи ако сме волни да се обратиме кон Него и да Го побараме.

Вистински внатрешен мир - надградување на Карпата

Врз што ти ја полагаш својата надеж во животот? Верувал или не, секој ја полага својата надеж во нешто. Можеби се надеваш на себеси: „Знам дека можам да успеам во животот, само ако се трудам доволно.“ Или, можеби ја полагаш надежта во стилот на живеење: „Ако заработам доволно пари, животот ќе биде убав.“ Или пак на времето: „Новиот милениум ќе ги смени работите.“

Но Бог гледа поинаку на работите. Тој вели дека е многу несигурно тло да ја положиш својата надеж на себеси, на други луѓе, или на што и да е што светот го нуди. Наместо тоа, Тој сака да Му веруваме Нему и единствено во Него да ја положиме нашата надеж и вера. Тој вели: „И така, секој кој ги слуша овие Мои зборови и ги применува, ќе биде спореден со разумен човек кој ја изградил својата куќа врз карпа. И заврна дожд, надојдоа реки, дувнаа ветрови и нагрвалија на куќата, но таа не се разурна, зашто беше втемелена врз карпата. Секој, кој ги слуша овие Мои зборови, а не ги исполнува, ќе биде спореден со безумен човек, кој ја изградил својата куќа врз песок. А кога заврна дожд, надојдоа реки, дувнаа ветрови и нагрвалија на таа куќа, таа се урна, а нејзиното уривање беше стравотно.“5

Мудро е да Го имаме Бог во нашите животи кога ќе наидат тешкотиите и проблемите. Но Божјата замисла за нас е да имаме изобилен живот без разлика на околностите околу нас. Тој сака да влијае позитивно на секоја област од нашите животи. Кога се надеваме на Него и Неговите зборови, тогаш градиме на Карпата.

Крајниот мир

Некои луѓе се чувствуваат сигурни и безбедни со тоа што се деца на мултимилионери или ако знаат како да извлечат добри оцени. Но постои уште поголема сигурност доколку се има врска со Бог.

Бог е моќен. За разлика од нас, Бог знае што ќе се случи утре, наредната недела, година, декада итн. Тој вели: „Јас Сум Бог, и нема друг Бог. Оној Сум, Кој од почетокот го открива свршетокот.“6 Тој знае што ќе се случи и во наредниот милениум. Што е уште поважно, Тој знае што ќе се случува во твојот живот, и ќе биде со тебе во тие моменти, ако си одбрал да Го поканиш во својот живот. Тој вели дека „ни е засолниште и тврдина, секогаш проверен помошник во неволја.“7 Но мора искрено да Го бараме. Тој вели: „Ќе Ме барате и ќе Ме најдете, зашто ќе Ме барате со сето свое срце.“8

Тоа не значи дека оние што Го знаат Бог ќе бидат ослободени од маките, страдањата и проблемите на овој свет. Нема. Кога еден терористички напад предизвикува страдање и смрт, и оние што Го знаат Бог ќе доживеат страдање. Но Божјото присуство во животот на еден човек му дава внатрешен мир и сила. Еден Христов следбеник вака го кажал тоа: „На мака сме од сите страни, но не сме скршени; притеснети сме, но не очајуваме; нè прогонуваат, но не сме напуштени; кутнати сме, но не сме погубени.“9 Од секојдневниот живот гледаме дека ќе доживуваме разни проблеми во нашите животи. Но, доколку Го имаме Бог додека се соочуваме со проблемите, може да реагираме на нив од поинаква перспектива и со сила што не е од нас. Не постои проблем што е нерешлив за Бог. Тој е поголем од сите проблеми што можат да нè погодат и не сме оставени сами да се справуваме со нив.

Бог се грижи. Божјата огромна моќ, која може да се покаже и во нашите животи, е придружена заедно со Неговата голема љубов. Овој нов милениум можеби ќе биде милениум на мирот како никогаш досега, а можеби ќе биде исполнет со омраза, насилство, војни, сè повеќе разводи итн. Како и да биде, никој нема да нè љуби повеќе одошто Бог. Никој нема да се грижи повеќе за нас од Самиот Бог. Неговото слово вели: „Господ е добар, Тој е тврдина во ден на неволја, ги познава оние, кои прибегнуваат кон Него.“10 „И секоја своја грижа, фрлете ја на Него, зашто Тој се грижи за вас.“11 Праведен Си, Господи, на сите Твои патишта, и добар Си во сите Твои дела. Господ е близу до сите кои Го повикуваат, до сите што Го призиваат искрено. Тој ги исполнува желбите на оние кои се бојат од Него, ги слуша нивните повици и ги спасува.“12

Исус Христос им ги кажа следниве утешни зборови на Неговите следбеници: „Не се продаваат ли две врапчиња за една пара? Сепак ниедно од нив не паѓа на земјата без вашиот Татко. А вам ви се изброени дури и влакната на главата. И така, не плашете се. Вие сте поскапи од многу врапчиња.“13 Ако Го поканиш Бог во твојот живот, Тој ќе се погрижи за тебе како никој друг.

Внатрешен мир преку Бог

Не може ни да замислиме што нè очекува во овој милениум. Ако нè начекаат тешки времиња, Бог може да биде со нас ако избереме. Ако нè начекаат добри времиња, пак ќе ни биде потребен Бог за да ја пополни таа внатрешна празнина што ја имаме и да ни даде цел и значење во животот.

Откако сè ке се сврши, што е она што ќе биде најважно? Она што ќе биде најважно е да не бидеме одвоени од Бог. Дали Го знаеш Бог? Дали Тој те знае тебе? Дали си Го исклучил од твојот живот? Или си Го примил? Ако Го знаеш, Тој ќе ти овозможи да гледаш од поинаква перспектива на работите и ќе ти даде надеж. Ако имаш врска со Него, може да имаш целосен мир без оглед на околностите.

Зошто Бог мора да го има главното, централно место во нашите животи? Затоа што нема вистински мир и надеж ако не Го знаеме Него. Тој е Бог, а ние не сме. Тој не зависи од нас, туку ние од Него. Тој нè создаде така за да имаме потреба од Неговото присуство во нашите животи. Ние може да се обидеме да го живееме животот без Него, но тоа ќе биде залудно.

Бог сака да Го бараме. Тој сака да Го знаеме и да Го вклучиме во нашите животи. Но постои еден проблем: сите ние Го имаме целосно исклучено. Библијата го опишува тоа вака: „Сите скитавме како овци, и секој одеше по својот пат.“14 Сите ние сме се обиделе да го живееме својот живот без Бог. А Библијата го нарекува тоа „грев“.

Во врска со гревот, Хедер вели: „Кога се запишав на Стенфорд, не бев христијанка. Животот беше пред мене и чекаше да го истражам. Присуствував на разни политички состаноци, на часови за расизам и социјална правда и помагав во општината. Верував во себе дека можам со своја сила да внесам позитивна промена во светот. Поучував асоцијални деца од основно; водев еден дневен центар за бездомници; собирав остатоци од храна за гладните итн. Но сепак, колку повеќе се обидував да го променам светот, толку повеќе се нервирав и бев исфрустрирана. Требаше да се борам со бирократијата, апатијата и... со гревот. Почнав да мислам дека на целото човештво му е потребен копмплетен сервис и реновирање.“

Вистинскиот мир = Мир со Бог

Новото време и современата технологија немаат вредност во Божјите очи. Зошто? Затоа што нашиот основен проблем како човечки суштества е што се имаме оддалечено од Бог. Нашиот најголем проблем не е од физичка природа, туку од духовна. Бог го знае ова и затоа обезбеди решение. Тој смисли начин како можеме да Му се вратиме, а тоа е преку Исус Христос.

Библијата вели: „Зашто Бог толку го засака светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој кој верува во Него да не загине, туку да има вечен живот.“15 Исус Христос беше распнат (древен метод на погубување) за нашите гревови, наместо нас. Тој умре, беше погребан и воскресна од мртвите. Заради Неговата жртва ние може да имаме врска со Бог: „А на сите што Го примија, им даде право да станат Божји деца - на оние кои веруваат во Неговото име.“16

Всушност, навистина е едноставно: Бог сака совршена врска со нас и го овозможи тоа преку Исус. На нас останува да Го бараме Бог и да Го поканиме во нашите животи. Обично тоа се прави со молитва. Молитвата значи искрено да Му зборуваш на Бог. Токму во овој момент може да Му кажеш на Бог нешто слично на ова: „Боже, сакам да Те знам. Досега не дозволував да влезеш во мојот живот, но сега сакам да го променам тоа. Сакам да го искористам твоето решение за мојата одвоеност од Тебе. Се надевам на прошка за моите гревови преку смртта на Исус на мое место. Сакам да бидеш дел од мојот живот од овој миг па натаму.“

Дали искрено Го покани Бог во твојот живот? Само ти и Тој знаете со сигурност. Ако да, тогаш може да очекуваш многу работи. Бог ветува дека ќе извлечеш поголемо задоволство од сегашниот живот само преку познавањето на Него.17 Тој ветува дека ќе се вдоми во тебе.18 И ти дава вечен живот.19

Една студентка од Њу Ингланд по име Мелиса, го има кажано следново за Бог: „Мајка ми се разведе од татко ми кога бев мала и не знаев што точно се случува. Сè што знаев е дека татко ми повеќе не доаѓаше дома. Еден ден отидов кај баба ми и и кажав дека не разбирам зошто татко ми ме повреди за потоа да исчезне. Таа ме прегрна и ми кажа дека има еден кој никогаш нема да ме напушти, а тој еден е Исус. Таа цитираше од Евреите 13:5 и Псалми 68:5 кои го велат следново: 'Никогаш нема да те напуштам, ниту ќе те заборавам' и '(Тој е) Татко на сирачињата'. Навистина бев возбудена кога слушнав дека Бог сака да биде мојот Татко.“

Што и да се случува во светот околу тебе, може да имаш мир во срцето знаејќи дека Бог е секогаш со тебе. Што и да ни донесе овој милениум, Бог е твојата непроменлива константа.

За да растеш во познавањето на Бог и Неговата љубов за тебе, прочитај го Евангелието по Јован од Библијата. Ако имаш дополнителни прашања во врска со нешто што досега го прочита, те молам пиши ни.



(1) Исаија 44:8 и Малахија 3:6.
(2) Евреите 13:8.
(3) Јован 14:27, 16:33.
(4) Исаија 43:11, 45:22.
(5) Матеј 7:24-27.
(6) Исаија 46:9-10.
(7) Исаија 46:1.
(8) Еремија 29:13.
(9) 2 Коринќаните 4:8, 9.
(10) Наум 1:7.
(11) 1 Петар 5:7.
(12) Псалми 145:17-19.
(13) Матеј 10:29-31.
(14) Исаија 53:6.
(15) Јован 3:16.
(16) Јован 1:12.
(17) Јован 10:10.
(18) Јован 14:23.
(19) 1 Јован 5:11-13.


  • Прати ја страната на пријател
  • Како да започнеш лична врска со Бог?


  •  
    Ресурси
    Имаш прашање?
    Имаш прашање?
    Пиши ни.