×
ПРЕБАРАЈ
StudentskiOdgovori.com
Сигурно место за истражување на
 прашања поврзани со Бог и Животот
Суштински прашања

Каде е Бог среде трагедиите?

Каде може да најдеме внатрешна сила за да се справиме со стравовите, трагедиите, катастрофите и терористичките напади?

WhatsApp Share Facebook Share Twitter Share Share by Email More PDF

Од Мерилин Адамсон (Marilyn Adamson)

До кој степен може да се надеваме дека Бог ќе биде со нас? Дали е некој Кому може воопшто да Му се обратиме, како во време на криза, така и во време на мир?

Трагедии, катастрофи, терористички напади: Каде е Бог?

Бог е Создателот на вселената Кој копнее да Го запознаеме. Затоа ние и сме поставени на оваа планета. Неговата желба е ние да се надеваме на Него и да ја доживееме Неговата сила, љубов, правда, светост и сочувство. Така, Тој на сите што сакаат им вели: „Дојдете при Мене.“

За разлика од нас, Бог знае што ќе се случи утре, наредната недела, година, декада. Тој вели: „Јас Сум Бог, и нема друг Бог, никој не Ми е сличен! Оној Сум, Кој од почетокот го открива свршетокот.“1 Тој знае што ќе се случи во светот. Што е уште поважно Тој знае што ќе се случи со твојот живот и може да ти помогне, доколку си одлучул да Го вклучиш во твојот живот. Тој вели дека може да биде наше „засолниште и тврдина, секогаш проверен помошник во неволја.“2 Но ние мора со сите сили искрено да Го бараме. Тој вели: „Ќе Ме барате и ќе Ме најдете, зашто ќе Ме барате со сето свое срце.“3

Тоа не значи дека оние што Го знаат Бог ќе бидат ослободени од маките, страдањата и проблемите на овој свет. Нема. Кога еден терористички напад предизвикува страдање и смрт, и оние што Го знаат Бог ќе доживеат страдање. Но Божјото присуство во животот на еден човек му дава внатрешен мир и сила. Еден Христов следбеник вака го кажал тоа: „На мака сме од сите страни, но не сме скршени; притеснети сме, но не очајуваме; нè прогонуваат, но не сме напуштени; кутнати сме, но не сме погубени.“4 Од секојдневниот живот гледаме дека ќе доживуваме разни проблеми во нашите животи. Но, доколку Го имаме Бог додека се соочуваме со проблемите, може да реагираме на нив од поинаква перспектива и со сила што не е од нас. Не постои проблем што е нерешлив за Бог. Тој е поголем од сите проблеми што можат да нè погодат и не сме оставени сами да се справуваме со нив.

Божјото Слово вели: „Господ е добар. Тој е тврдина во ден на неволја, ги познава оние, кои прибегнуваат кон Него.“5 Понатаму: „Господ е близу до сите кои Го повикуваат, до сите што Го призиваат искрено. Тој ги исполнува желбите на оние кои се бојат од Него, ги слуша нивните повици и ги спасува.“6

Исус Христос им ги рече следниве утешни зборови на Неговите следбеници: „Не се продаваат ли две врапчиња за една пара? Сепак ниедно од нив не паѓа на земјата без вашиот Татко. А вам ви се изброени дури и влакната на главата. И така, не плашете се. Вие сте поскапи од многу врапчиња.“7 Ако навистина се свртиш кон Бог, Тој ќе се грижи за тебе како никој друг, на начин што никој друг не ни може.

Трагедии, катастрофи, терористички напади: Нашата слободна волја

Бог го создаде човештвото со способност да избира. Ова значи дека никој не нè присилува да имаме врска со Него. Тој дозволува да Го отфрлиме Него и да извршуваме зли дела. Тој би можел да нè присили да љубиме, да бидеме добри и сл. Но тогаш каква би била таа наша врска со Него? Воопшто не би била никаква врска, туку присилна и целосно контролирана послушност. Наместо тоа, Тој ни даде слободна волја да избираме.

Многу често, извикуваме од длабочината на нашата душа: „Ох Боже, зошто дозволи да ми се случи оваа страшна работа?“

Како би сакале Бог да делува? Дали би сакале Тој да ги контролира активностите на другите луѓе? Кога станува збор за терористички напад, кој е бројот на жртви што Бог го дозволува? Дали би се чувствувале подобро кога Бог би дозволил да бидат убиени само неколку стотина луѓе, наместо илјадници? Дали би сакале Бог да дозволи да умре само еден човек? Но ако Бог го спречи убиството и на само еден човек, повеќе нема да имаме слобода самите да избираме. Луѓето одбираат да Го игнорираат Бог, да Му се противат, да одат по својот пат и да извршуваат страшни дела едни против други.

Трагедии, катастрофи, терористички напади: Нашиот свет

Оваа планета воопшто не е безбедно место за живеење. Некој би можел да нè застрела, или да нè прегази со кола, или би можеле да се најдеме во ситуација каде треба да скокаме од некоја зграда што е во пламен предизвикан од терористички напад. Може да ни се случи сешто во оваа сурова средина на планетава Земја, место каде не секогаш се следи и почитува Божјата волја.

Но сепак Бог не е оставен на милоста на луѓето, туку е обратно. За среќа ние сме под Неговата милост. Тој е Бог Кој ја создаде вселената со безбројните ѕвезди со изговорување на зборовите: „Нека бидат светила на небесниот свод.“8 Тој е Бог Кој вели дека Тој „царува над народите.“9 Тој има неограничена моќ и мудрост. Иако нам проблемите ни изгледаат нерешливи и непремостливи, имаме еден неверојатно способен Бог Кој нè потсетува: „Ете, Јас Сум Господ, Бог на секое тело! Мене ништо не Ми е невозможно!“10 На нам нејасен начин, Тој е способен да ја одржува слободата на грешните луѓе, а во исто време да ја спроведува и Својата волја. Бог јасно вели: „Мојата одлука ќе се исполни, ќе извршам сè што Ми е по волја.“11 А ние може да се утешиме од овие зборови, ако нашите животи се потчинети Нему. „Бог им се противи на горделивите, а на понизните им дава благодат.“12

Стравови, трагедии, катастрофи: Каде е Бог сега?

Повеќето од нас, односно сите ние од време на време одлучуваме да одиме против Бог. Ако се споредиме со другите, посебно ако се терористи, себеси би се оцениле како добри, почитувани, љубезни и тн. Но ако сме искрени кон своето срце, доколку сега се соочиме со Бог, ќе знаеме дека сме грешни пред Него. Како што Му се обраќаме на Бог во молитва, нели подзастануваме, поткашлуваме затоа што знаеме дека Бог е целосно свесен за нашите мисли, дела и себичност. Со своите животи и дела ние се имаме целосно одвоено и оддалечено од Бог. Многу често живееме како навистина да може да живееме добро без Него. Библијата вели: „Сите скитавме како овци, и секој одеше по својот пат.“13

Последиците? Нашиот грев нè има одвоено од Бог, што се одразува во овој живот, но и после овој живот. Казната за нашиот грев е смрт, односно вечна одвоеност од Бог. Но сепак, Бог обезбедил начин како да ни биде простено и како да Го знаеме Него.

Внатрешна сила преку Божјата љубов

Бог дојде на земјата за да нè спаси. „Зашто Бог толку го засака светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој кој верува во Него да не загине, туку да има вечен живот. Зашто Бог не Го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да биде спасен преку Него.“14

Бог знае со какви страдања и маки се соочуваме на овој свет. Исус ја напушти безбедноста и сигурноста на Својот дом и дојде во суровата средина во која ние живееме. Исус беше изморен, искуси глад и жед, беше постојано обвинуван, Неговите пријатели и семејство не Го прифаќаа. Но Исус искуси нешто многу повеќе од секојдневните тешкотии. Исус, Божјиот Син во човечко тело, доброволно го зеде на Себе нашиот грев и ја плати нашата смртна казна со Својот живот. „Љубовта ја познаваме по тоа што Тој го положи својот живот за нас.“15 Тој преживеа сурово измачување, умре со спора, задушувачка смрт на крстот за да може нам да ни биде простено.

Исус им кажуваше на други предвреме дека ќе биде распнат. Тој рече дека по три дена од Неговата смрт, Тој ќе се врати во живот, докажувајќи дека е Бог. Тој не рече дека ќе се реинкарнира некој ден во иднината (Кој и би знаел доколку Тој го сторил тоа?). Тој рече дека по три дена ќе се појави во физичка форма на оние што беа очевидци на Неговото распнување. На третиот ден, гробот на Исус беше празен, а многу луѓе посведочија дека Го виделе жив.

Тој сега ни нуди вечен живот. Ние не го заслужуваме тоа. Тоа е бесплатен дар од Бог што Тој ни го нуди, а кој ние го примаме кога Го покануваме да влезе во нашите животи. „Бесплатниот дар од Бога е вечен живот во Христос Исус.“16 Ако се покаеме од нашиот грев и се свртиме кон Бог, може да го добиеме дарот на бесплатен живот преку Исус Христос. Доста е едноставно. „Бог ни даде вечен живот, и тој живот е во Неговиот Син. Кој Го има Синот, го има тој живот; кој Го нема Божјиот Син, го нема тој живот.“17 Тој сака да влезе во нашите животи.

Внатрешна сила преку Божјиот план

А што е со небесата (рајот)? Библијата вели дека Бог „ја всадил вечноста во нивните (човечките) срца.“18 Тоа можеби значи дека ние во своите срца знаеме како треба да изгледа еден подобар свет. Смртта на луѓето што ги љубиме нè убедува дека нешто е навистина погрешно со овој живот и во овој свет. Некаде длабоко во нашите души знаеме дека некаде мора да постои многу подобро место за живот, каде ги нема страдањата од овој свет. И точно е, Бог има обезбедено подобро место и ни го нуди. Тоа ќе биде еден целосно поинаков систем каде Неговата волја ќе биде извршувана цело време и никој нема да ја прекршува. Во тој нов свет Бог ќе ја избрише секоја солза од нашите очи. Повеќе нема да има тага, плач, болка и смрт.19 А Бог преку Неговиот Дух ќе живее и престојува во луѓето така што тие повеќе никогаш нема да грешат.20

Доволно е страшно што живееме во свет во кој владее тероризам. Но да се одбие вечна врска со Бог, што ти ја нуди Исус, е уште пострашно. Не само од аспект на вечниот живот, туку ниту една друга врска не може да се спореди со тоа да Го знаеш Исус во овој живот. Тој е нашата цел во животот, нашиот извор на утеха, нашата мудрост во време на збунетост, нашата сила и надеж. „Вкусете и видете колку е добар Господ: блажен е човекот, кој се надева на Него!“21

Некој некогаш рекол дека Бог е само за слабаци. Но работата е во тоа што Тој е единствениот на Кој може да се надеваш.

Исус вели: „Ви оставам мир, ви го давам Мојот мир. Не ви го давам како што го дава светот. Нека не се вознемирува вашето срце и нека не се плаши.“22 За оние кои ќе одлучат да се надеваат само на Исус во својот живот, Тој вели дека тоа е како да го поставиш својот живот на цврста карпа. Какви било кризи да го погодат таквиот човек, Тој ќе го одржува и ќе му дава сила.

Внатрешна сила преку Божјиот Син

Може да Го примиш Исус во твојот живот овој миг. „А на сите што Го примија, им даде право да станат Божји деца - на оние кои веруваат во Неговото име.“24 Само преку Исус Христос може да се вратиме кај Бог. Исус вели: „Јас Сум Патот, Вистината и Животот. Никој не доаѓа кај Таткото, освен преку Мене.“ [24] Исус нуди: „Еве, стојам пред вратата и чукам; ако некој го чуе Мојот глас и ја отвори врата, ќе влезам кај него.“25

Токму во овој миг може да Го поканиш Бог во твојот живот. Тоа може да го направиш со молитва. Молитвата е искрен разговор со Бог. Токму сега може да Го повикаш Бог со зборови слични на овие:

„Боже, јас Те имав отфрлено од моето срце, но сакам да го сменам тоа. Сакам да Те знам. Сакам да Го примам Исус Христос и Неговата прошка во мојот живот. Повеќе никогаш не сакам да бидам одвоен од Тебе. Биди Бог на мојот живот од овој ден па натаму. Ти благодарам Боже.“

Дали искрено Го покани Бог во твојот живот? Ако да, тогаш може да очекуваш многу работи. Бог ветува дека ќе извлечеш поголемо задоволство од сегашниот живот само преку познавањето на Него.26 Каде е Бог? Тој ветува дека ќе се вдоми во тебе.27 И ти дава вечен живот.28

Без оглед на тоа што се случува во светот и околу тебе, Бог е секогаш со тебе. Иако луѓето не ги следат Божјите патишта, Бог може да го оствари Својот план и покрај ужасните околности. Бог ја има целосната контрола над светските настани. Ако си Божјо дете, тогаш може да се надеваш на ветувањето дека: „Сè содејствува за доброто на оние кои Го љубат Бога, на оние кои се повикани по Неговата намера.“29

Исус Христос вели: „Ви оставам мир. Ви го давам Мојот мир. Не ви го давам како што го дава светот. Нека не се вознемирува вашето срце и нека не се плаши. Во светот имате неволи, но бидете храбри - Јас го победив светот.“30 Тој ветува дека никогаш нема да нè заборави ниту напушти.31

За да пораснеш во познавањето на Бог и да ја дознаеш Неговата волја за твојот живот, прочитај ги Евангелијата според Матеј, Марко, Лука и Јован во Библијата.

 Јас тукушто Го примив Исус во мојот живот (следуваат некои информации што ќе ти бидат од помош)…
 Можеби сакам да Го поканам Исус во мојот живот, (те молам објасни ми како да го направам тоа…)
 Имам прашање…

Фусноти: (1) Исаија 46:9, 10. (2) Псалми 46:1. (3) Еремија 29:13. (4) 2 Коринќаните 4:8, 9. (5) Наум 1:7. (6) Псалми 145:18, 19. (7) Матеј 10:29-31. (8) Битие 1:14. (9) Псалми 47:8. (10) Еремија 32:27. (11) Исаија 46:10. (12) Јаков 4:6. (13) Исаија 53:6. (14) Јован 3:16, 17. (15) 1 Јован 3:16. (16) Римјаните 6:23. (17) 1 Јован 5:11, 12. (18) Проповедник 3:11. (19) Откровение 21:4. (20) Откровение 21:27; 1 Коринќаните 15:28. (21) Псалми 34:8. (22) Јован 14:27. (23) Јован 1:12. (24) Јован 14:6. (25) Откровение 3:20. (26) Јован 10:10. (27) Јован 14:23. (28) 1 Јован 5:11-13. (29) Римјаните 8:28. (30) Јован 14:27, 16:33. (31) Евреите 13:5.


СПОДЕЛИ ГО ТЕКСТОТ:
WhatsApp Share Facebook Share Twitter Share Share by Email More