Од Мерилин Адамсон (Marilyn Adamson)
Дали некогаш си запознал човек што навистина верува во Бог и има целосна доверба во Него за сè што му се случува во животот? Кога јас бев атеист, имав една пријателка која често се молеше. Секоја недела таа ќе ми кажеше за што Му се моли на Бог. И секоја недела гледав како Бог ќе направеше нешто необично за да одговори на нејзината молитва. Можеш ли да си замислиш колку е тешко за атеист да го гледа тоа секоја недела? Веќе не можев да си кажувам на себеси дека тоа што и се случуваше на другарка ми е чиста случајност, бидејќи таквиот аргумент повеќе не држеше вода.
Зошто Бог би одговарал на молитвите на мојата пријателка? Најголемата причина е што таа имаше врска со Бог. Таа сакаше да Го следи Бог и Му беше послушна. Таа Му го отстапи на Бог тронот на својот живот за Тој да го управува нејзиниот живот. Кога таа се молеше за разни работи, тоа беше природно продолжение на нејзината врска со Бог. Не и беше неудобно да Му ги искаже и изнесе на Бог своите потреби, грижи и разни други работи од нејзиниот живот. Понатаму, од тоа што го читаше во Библијата, таа беше убедена дека Бог сака таа токму така да се надева на Него.
Преку начинот на кој таа го живееше својот живот, таа го потврдува она што е напишано во Библијата: „И ова е увереноста која ја имаме во Него: дека нè слуша ако бараме нешто според Неговата волја.“1 „Зашто Господовите очи бдеат над праведниците и Неговите уши ја слушаат нивната молитва...“2
Можеби затоа што не сите имаат врска со Бог. Можеби знаат дека Бог постои, па дури понекогаш и Го обожаваат. Но оние на кои им изгледа дека молитвите не добиваат одговор најверојатно и немаат врска со Него. Тоа значи дека тие никогаш и не ја примиле целосната прошка од Бог за нивниот грев. Можеби се прашуваш каква врска има тоа со молитвата? Еве го одговорот. „Не, не е прекратка Господовата рака за да спаси, ниту увото Му заглувна за да не чуе, туку вашите беззаконија создадоа разделба, меѓу вас и вашиот Бог. Вашите гревови го сокрија Неговото лице, и Тој веќе не ве слуша.“3
Природно е што човекот се чувствува одвоен од Бог. Кога луѓето Му се молат на Бог за нешто, што обично се случува? Првин, тие започнуваат отприлика вака: „Боже, навистина ми треба твојата помош за овој проблем...“ Потоа следи кратка пауза, по што молитвата продолжува: „Сфаќам дека не сум совршен и дека немам право да го барам ова од Тебе...“ Значи постои свесност за личниот грев и тој човек знае дека и Бог е свесен за тоа. Обично се јавува чувството на: „Кого залажувам јас?“ Она што таквите луѓе не го знаат е како да ја примат Божјата прошка за нивниот грев. Тие најверојатно и не знаат како да имаат врска со Бог, за Бог да ги слуша нивните молитви. Тоа е основата за Бог да ја слушне и твојата молитва.
Првин мора да ја започнеш врската со Бог. Замисли си некој Петко кој го замолува ректорот на универзитетот во Скопје (иако не го знае) да му биде жирант за еден кредит. Шансите овој да му биде жирант се никакви. Но ако ќерката на ректорот побара од татко и да и биде жирант, тогаш не би имало проблем. Нели кога бараме жиранти, секогаш се луѓе што ги знаеме. Значи врските, односно односите со луѓето се важни.
Кога човек е Божјо дете и Му припаѓа на Бог, тогаш Тој го знае и ги слуша неговите молитви. Исус вели: „Јас Сум Добриот Пастир и ги познавам Моите и Моите Ме познаваат Мене... Моите овци го слушаат Мојот глас, Јас ги познавам, и тие одат по Мене. Јас им давам вечен живот и никогаш нема да загинат и никој нема да ги отме од Мојата рака.“4
Кога зборуваме за Бог, дали може да кажеш дека навистина Го знаеш и дека Тој те знае тебе? Дали имаш врска со Него што ти гарантира дека ќе ги слуша и одговара молитвите? Или Бог е доста далеку од тебе, Го знаеш само како поим? Ако ти изгледа дека е Бог далечен или ако не си сигурен дека Го знаеш Бог, еве како може да започнеш врска со Него: Запознај го Бог лично.
За оние кои Го знаат, Исус е навистина великодушен: „Ако останете во Мене и ако Моите зборови останат во вас, барајте што и да посакате, и ќе ви биде дадено.“5 Да се остане во Него и Неговите зборови да останат во нас значи да ги живееме своите животи така што да Му бидеме послушни, да се потпираме на Него и да бидеме свесни за Него. Тогаш ќе може да побараме од Него што било. Еве уште еден пример: „И ова е увереноста која ја имаме во Него: дека нè слуша ако бараме нешто според Неговата волја. И кога знаеме дека нè слуша што и да бараме, знаеме дека ќе го добиеме она што сме го побарале од Него.“6 Бог одговара на нашите молитви во согласност со Неговата волја (но и според Неговата мудрост, Неговата љубов спрема нас, Неговата светост и тн.).
Се сопнуваме тогаш кога претпоставуваме која е Божјата волја само затоа што некои работи ни имаат смисла! Претпоставуваме дека за некоја конкретна молитва постои само еден вистински одговор и дека токму ТОА ќе биде и Божјата волја. И ова е моментот кога станува тешко. Ние сме ограничени од аспект на времето и мудроста. Ги немаме сите информации за некоја ситуација и не знаеме какви последици ќе предизвикаат нашите активности во иднината. А Божјото разбирање е неограничено. Само Тој може да знае како ќе се одвива некој настан во текот на историјата. А и Неговата цел може да биде нешто многу повеќе од она што ние може да си го замислиме. Значи Бог нема да направи нешто само затоа што ние мислиме дека тоа мора да биде Неговата волја.
Може да се испишат илјадници страници за да се опише Божјата намера кон нас. Целата Библија е опис за видот на врската што Бог сака да ја доживееме со Него и животот што сака да ни го даде. Еве само неколку примери:
„Но Господ чека час за да ви се смилува, и по таа причина да ви искаже милост, зашто Господ е праведен Бог - блазе им на сите кои Го чекаат (веруваат во) Него.“7 Дали сфати? „Божјиот пат е совршен... Тој е штит на сите, кои се надеваат на Него.“8 „На Господа Му се мили оние, кои се бојат од Него, кои се надеваат на Неговата милост.“9
Но сепак, Бог најдобро ја покажа Својата љубов и посветеност кон тебе преку следново: Исус вели: „Никој нема поголема љубов од оваа: да го положи сопствениот живот за своите пријатели“10, што е токму она што Исус го направи за нас. И така: „Ако е Бог со нас, кој ќе биде против нас? Оној Кој не Го поштеди ни сопствениот Син, туку Го предаде за сите нас, како не ќе ни подари и сè друго заедно со Него?“11
Луѓето се разболуваат, умираат, се соочуваат со финансиски проблеми и разни други ситуации. Сето тоа е дел од овој свет. Но што да правиме со тие проблеми?
Бог ни вели да Му ги предадеме нашите грижи Нему. Дури и кога ситуацијата е крајно очајна „секоја своја грижа фрлете ја на Него, зашто Тој се грижи за вас.“12 Ситуацијата може да ти изгледа дека е вон контрола, но не е. Кога изгледа дека целиот свет се распаѓа и пропаѓа, Бог е Тој што може да нè одржи во целина. Во такви ситуации човек може да биде навистина благодарен што Го знае Бог. „Вашата трпеливост нека им биде позната на сите луѓе! Господ е близу. Не грижете се за ништо, туку во сè, преку молитва и благодарност, искажувајте ги своите барања пред Бог! А Божјиот мир, што го надминува секое разбирање, ќе ги штити вашите срца и вашите мисли во Христос Исус.“13 Бог може да обезбеди решение на проблемите на начин што не можеш ни да си го замислиш. Секој христијанин може да наведе слични примери за неговиот живот. Но дури и ако работите не се подобруваат, Бог може да ни го даде Неговиот мир среде таа ситуација. Исус вели: „Ви оставам мир, ви го давам Мојот мир. Не ви го давам како што го дава светот. Нека не се вознемирува вашето срце и нека не се плаши.“14
Токму во тие моменти (кога сè изгледа наопаку и кога е тешко) Бог бара од нас да продолжиме да Му веруваме - да „живееме според вера, а не според гледање“ вели Библијата. Но не станува збор за слепа вера. Таа се заснова на Божјиот карактер. Кога го поминуваме Вардар преку мостот Гоце Делчев со кола, нашата вера е во интегритетот на тој мост, дека тој ќе издржи без разлика како се чувствуваме. Колата успева да помине на друга страна поради интегритетот на мостот, во кој ние како возачи сме волни да имаме доверба.
На истиот начин и Бог бара да веруваме во Неговиот интегритет, карактер, сочувство, љубов, праведност. Тој вели: „Те љубам со вечна љубов, затоа ти запазив милост.“15 „Надевај се на Него, народе, во секое време, излевајте ги срцата пред Него. Бог е наше засолниште!“16
Бог се нуди да ги одговори молитвите на Неговите деца (оние кои Го примиле во своите животи и кои Го следат). Тој вели сите грижи да Му ги пренесеме Нему во молитва, а Тој ќе дејствува според Неговата волја. Како што ќе се соочуваме со тешкотии, треба едноставно да Му ги предадеме сите грижи Нему и да примиме од Него мир кој опстојува и покрај проблемите што нè опкружуваат. Основата на нашата надеж и вера е карактерот на Бог. Колку што подобро Го знаеме Него, толку повеќе ќе бидеме наклонети да Му веруваме.
За да дознаеш повеќе за Божјиот карактер, прочитај го „Кој е Бог“ или други текстови од овој сајт. Причината за нашите молитви е Божјиот карактер. Првата молитва што Бог ја одговара е молитвата за започнување на врската со Бог.
► | Како да започнеш лична врска со Бог? |
► | Имам прашање… |
Фусноти: (1) 1 Јован 5:14. (2) 1 Петар 3:12. (3) Исаија 59:1, 2. (4) Јован 10:14, 27-28. (5) Јован 15:7. (6) 1 Јован 5:14, 15. (7) Исаија 30:18. (8) Псалми 18:30. (9) Псалми 147:11. (10) Јован 15:13. (11) Римјаните 8:31, 32. (12) 1 Петар 5:7. (13) Филипјаните 4:5-7. (14) Јован 14:27. (15) Еремија 31:3. (16) Псалми 62:8.