Ако некогаш постоело Апсолутно Ништо, тогаш тоа ќе постоеше и денес. А бидејќи денес има нешто (како на пример ти), тоа значи дека Апсолутно Ништо никогаш и не постоело. Зашто ако постоеше, тогаш ти немаше да бидеш овде и да го читаш ова. Апсолутно Ништо ќе си постоеше и понатаму.
Значи во историјата никогаш не постоел период кога Апсолутно Ништо воопшто постоело. Оттука произлегува дека имало нешто. Но што? Ако се навратиме до самиот почеток, што или кое е тоа Нешто што постоело? Дали било повеќе од едно Нешто или било само едно? Исто така, како изгледало тоа Нешто, судејќи според она што постои денес?
Ајде првин да го разгледаме квантитетот. Да се навратиме повторно на нашата голема, црна и запечатена соба. Да речеме дека внатре има десет тениски топчиња. Тие постојат од почетокот на времето.
И што сега? Да речеме дека чекаме цела година. Што ќе има во собата по една година? Истите десет тениски топчиња, нели? Нема никаква друга сила што постои што би можела да направи нешто. А знаеме дека десет обични тениски топчиња не можат да создадат нови десет или што било друго, без оглед на тоа колку време ќе помине.
Добро, тогаш да речеме дека во собата имало шест топчиња од самиот почеток кога е создадена таа соба. Дали тоа ќе ја промени ситуацијата? Не баш, нели? А што ако имало милион тениски топчиња? И понатаму, состојбата нема да се промени воопшто, па ако сака нека има и милијарди тениски топчиња. Сè што имаме во собата се само тениски топчиња, без оглед на нивниот број.
Оттука гледаме дека проблемот не е во квантитетот. Значи, кога би се вратиле на почетокот на сè, квантитетот на Нешто-то што морало да постои на самиот почеток не е она што е најважно. Или е?
Ајде да ги оставиме топчињата настрана и наместо нив во собата да вметнеме пиле. Чекаме цела година и што се случува? Во собата ќе има само едно пиле, односно, тоа е истото пиле, нели? Но што ќе се случи ако во собата имаме кокошка и петел? Ако чекаме една година, ќе добиеме пилиња.
Значи квантитетот е важен, но само АКО во собата има барем две работи кои можат да создадат трета работа. Кокошка + петел = пиле. Квантитетот нема значење ако се работи за две работи кои не можат да создадат трета работа. Тениско топче + фудбал = ништо.
Значи работата не е толку во квантитетот, колку што е во квалитетот. Кои квалитети ги поседува тоа Нешто што постоело отсекогаш? Дали тоа Нешто може да создава други работи?
Ајде да се вратиме на пилињата, но овојпат во повеќе детаљи. Значи, во собата имаме кокошка и петел. Тие се на различни места во собата, опстојувајќи во ништо, во целосна темница. Дали тие ќе создадат нови пилиња?
Не. Зошто? Затоа што околината не ги овозможува сите предуслови за тоа да се случи. Во собата нема ништо освен кокошка и петел. Нема воздух за дишење, нема земја за одење, нема храна за јадење. Нивната средина е исполнета со ништо.
Оттука гледаме дека не може да сметаме ни на примерот со пилињата. Пилињата на можат да постојат, ниту да се размножуваат без неопходните услови. Доколку им се овозможи неопходната средина тие би можеле да создадат нови пилиња. И како што средината ќе влијае на нив, со тек на време можеби тие ќе еволуираат во друг вид на пилиња. Или можеби во жирафа или дабар. Или не?
Значи имаме соба без никаква средина. Затоа потребно ни е Нешто што може да опстојува без никаква средина. Нешто што нема потреба од храна, воздух и вода за да постои. Тоа ги дисквалификува сите живи суштества на оваа земја.
Ако не може да сметаме на живите суштества, дали може да ја земеме предвид неживата материја? Таа нема потреба од никаква средина за да постои. Но тоа нè доведува до истата пречка на која наидовме кога го разгледувавме примерот со тениските топчиња. Неживата материја не создава ништо. Да речеме дека наместо десет тениски топчиња во собата имаме десет милијарди молекули на водород. Што ќе се случи? Колку време и да помине, пак ќе си останат десет милијарди молекули. Ништо нема да се промени во нивната состојба.
Кога сме веќе кај неживата материја, тогаш да спомнеме и за тоа што сè е потребно за таа да постои. Сигурно си слушнал за експериментите за создавање на материја со помош на бомбардирање на атоми. Тој процес се одвива под земја во посебно изграден тунел долг неколку километри во кој атомите патуваат со суперсонични брзини за да се судрат еден во друг со цел да се создаде една честица. Сето ова (опишано доста грубо, без навлегување во детаљи) е потребно за да се создаде само една микроскопска честица.
Што ни кажува тоа? Дека нашиот пример со десетте тениски топчиња не е ни приближно лесен колку што изгледа. Би било потребно ОГРОМНО количество на енергија за да се создаде едно топче од ништо. А во собата го имаме токму тоа, Апсолутно ништо.
Значи овде сме кај што сме. Нешто-то што постоело на почетокот мора да опстојува без да зависи од што било друго. Мора да биде во потполност само-доволно, затоа што било единственото нешто што постоело на почетокот и не му требало никаква средина за да може да постои.
Второ, Нешто-то што постоело на почетокот мора да ја има способноста да создаде нешто друго освен Себеси. Во спротивно, Нешто-то би било единственото нешто што постои денес. Но сведоци сме дека разни нешта постојат денес, како ти на пример.
Трето, за да се создаде нешто друго од ништо, потребна е огромна моќ. Затоа тоа Нешто мора да има и огромна моќ на располагање. Ако нам ни се потребни неколку километри тунел и огромно количество енергија за да создадеме само една најмала честица, замисли само колку многу повеќе моќ е потребно за да се создаде сета материја во вселената.
Ајде да се вратиме повторно во собата. Да речеме дека во неа има едно многу посебно тениско топче. Толку е посебно што може да создава други тениски топчиња. Значи ја има потребната моќ и енергија потребни за создавање други и нови топчиња. Исто така, тоа топче е целосно само-доволно и не му е потребно ништо друго за да постои, бидејќи тоа е единственото нешто што постои. Тоа тениско топче е Вечното Нешто што отсекогаш си постоело.
Сега, тоа топче создава друго тениско топче. Од аспект на ВРЕМЕТО, кое од двете топчиња е поголемо? Топчето бр.1. Тоа е Вечното Нешто што отсекогаш постоело. Топчето бр.2 постои затоа што е создадено од топчето бр.1. Значи, од аспект на времето, едното е вечно, а другото не е.
Од аспект на МОЌТА, кое од двете топчиња е поголемо? Повторно, тоа е топчето бр.1. Тоа ја има способноста да го создаде топчето бр. 2 од ништо, што значи дека ја има способноста и да го уништи топчето бр.2. Значи топчето бр. 1 има далеку поголема моќ од топчето бр.2. Всушност, топчето бр.2 секогаш ќе зависи од топчето бр.1 за своето постоење.
Но што ако топчето бр.1 сподели дел од својата моќ со топчето бр.2, односно онолку колку што е потребно за да се уништи топчето бр.1? Во тој случај топчето бр. 2 би било поголемо, бидејќи топчето бр.1 би престанало да постои, нели?
Во овој случај се јавува еден суштински проблем. Ако топчето бр.1 сподели дел од својата моќ со топчето бр.2, таа и понатаму ќе биде моќ на топчето бр.1. Оттука прашањето е: Дали топчето бр.1 може да ја искористи својата моќ за да се уништи? Не. За да може да ја употребува својата моќ, топчето бр.1 мора да постои.
Второ, топчето бр.1 е толку моќно што сè што може да се направи, може да биде направено од него. Но не е можно топчето бр.1 да престане да биде (постои), затоа и не може да се уништи.
Топчето бр.1 не може да биде уништено, затоа што тоа никогаш и не било создадено. Тоа си постоело отсекогаш. Тоа е Вечното Нешто. Како такво, тоа е суштината на постоењето. Тоа претставува живот, вечен живот. За да може да се уништи топчето бр. 1 потребно е нешто што е поголемо од него. Но ништо не е поголемо од него, ниту пак може да биде. Тоа постои без да зависи или да има потреба од што било друго. Затоа, надворешните сили и влијанија не можат да влијаат на него, ниту пак да го променат. За него нема крај, бидејќи нема почеток. Тоа е такво какво што е и тоа не може да се промени. Тоа не може да престане да биде (постои), бидејќи ПОСТОЕЊЕТО (бидувањето) е во неговата суштина. Од овој аспект, Вечното Нешто е недопирливо.
Што гледаме од сево ова? Дека Нешто-то што постоело од самиот почеток секогаш ќе биде поголемо од сè друго (тоа ќе го именуваме како Нешто Друго) што ќе создаде. Нешто-то постои само од себе. На Нешто Друго му е потребно Нешто-то за да постои. Оттука Нешто Друго има потреби. Затоа тоа е инфериорно во однос на Нешто-то и тоа секогаш ќе биде така, бидејќи Вечното Нешто нема потреба од Нешто Друго.
Нешто-то може да создаде Нешто Друго што би наликувало на него во одредени аспекти, но Нешто Друго никогаш нема да биде слично со Нешто-то во други аспекти. Вечното Нешто секогаш ќе биде поголемо од аспект на времето и моќта. Оттука, Вечното Нешто не може да создаде Нешто Друго што би било истоветно на него. Тоа е единственото Нешто што отсекогаш постоело. Само тоа може да постои независно од сè друго.
Сакаш да дознаеш повеќе за Вечното Нешто? Прочитај го Кој.
► | Како да започнеш лична врска со Бог? |
► | Имам прашање… |