×
ПРЕБАРАЈ
StudentskiOdgovori.com
Сигурно место за истражување на
 прашања поврзани со Бог и Животот
Запознај го Бог

Како може да веруваме во Библијата?

Како да знаеме дека може да веруваме во Библијата што ја имаме денес?

WhatsApp Share Facebook Share Twitter Share Share by Email More PDF

Библијата тврди дека е Божјиот начин на комуникација со луѓето. Милијарди мажи и жени ги воделе своите животи засновани на нејзината порака, а милиони умреле за неа.

Дали интелигентен човек може да верува во Библијата?

Да. Библијата не е збирка на бајки. За разлика од другите духовни книги, Библијата не бара да и веруваме слепо. Различни видови на докази ја потврдуваат историската точност на Библијата, како и нејзиното божествено потекло и авторство.

  • Древната историја ја подржува Библијата како историски запис и документ.
  • Евангелијата даваат многубројни веродостојни записи за животот на Исус.
  • Археологијата ја подржува и потврдува Библијата.
  • Истражувањата на текстот потврдуваат дека книгите во Библијата се немаат променето од првиот пат кога биле напишани.

Дали древната историја е во согласност со Библијата?

Ако Библијата е Божјата порака за нас, тогаш и историските настани што се запишани во неа треба да бидат точни. И навистина се точни.

На пример, Библијата вели дека Исус од Назарет извршил многу чуда, бил убиен од Римјаните и воскреснал од мртвите. Бројни древни историчари го потврдуваат она што Библијата го вели за животот на Исус и Неговите следбеници:

Корнелиј Тасит (Cornelius Tacitus 55-120 г.н.е.) е римски историчар од првиот век и се смета за еден од најпрецизните историчари од тоа време.1 Еден негов извадок вели дека римскиот императот Нерон „ги нанел најгрозоморните мачења на една класа луѓе наречени христијани. ...Христос, по кого и се нарекуваат овие луѓе, бил казнет со страшна смрт од страна на еден од четирите прокуратори, Понтиј Пилат, за време на владеењето на Тибериј...“2

Флавиј Јосиф (Flavius Josephus), еврејски историчар (38-100+ г.н.е.) пишувал за Исус во неговото дело Еврејски древности (Jewish Antiquities). Од него „дознаваме дека Исус бил мудар човек кој извел зачудувачки дела, поучувал многумина, придобил следбеници и кај Евреите и кај Грците, луѓето веруваа дека е Месијата, бил обвинет од еврејските водачи, бил осуден од Пилат на распнување и се верува дека воскреснал.“3

Сетониј (Suetonius), Плиниј (Pliny) помладиот и Талус (Thallus) исто така пишувале за христијаните, нивната вера и прогонствата, што е во склад со она што е запишано во Новиот Завет.

Дури и еврејскиот Талмуд, кој никако не е пристрасен кон Исус, се согласува за главните настани во Неговиот живот. Од Талмудот „дознаваме дека Исус бил зачнат надвор од брак, собрал околу Себе ученици, изјавил богохулни работи за Себеси, извршувал чуда, но тие чуда ги правел со помош на магии, а не преку Бог.“4

Ова се навистина извонредни информации ако се има предвид дека историчарите од тоа време претежно пишувале за политичките и воените водачи, а не за сомнителни рабини од далечните провинции на Римската империја. Но сепак, древните историчари (еврејски, грчки и римски) ги потврдуваат главните настани што се претставени во Новиот Завет, иако тие не биле верници.

Дали Евангелијата за Исус се веродостојни?

Секуларните историчари ги имаат запишано главните факти за животот на Исус, но Неговите блиски соработници напишале подетални записи, засновани на сведоштвата на очевидците. Овие се четирите Евангелија, првите четири книги од Новиот Завет. Како да бидеме сигурни дека овие биографии за Исус се точни?

Кога историчарите сакаат да утврдат дали нечија биографија е точна, тие прашуваат: „Дали има други пишани извори кои зборуваат за истите работи?“ Еве како тоа функционира. Замисли си дека ги собираш биографиите на претседателот Џон Кенеди. Наоѓаш многу пишани документи кои зборуваат за неговото семејство, неговиот живот, неговото претседателствување, како се справил со кубанската криза итн. Скоро сите зборуваат за истите факти. Но што ако најдеш една биографија која вели дека тој живеел десет години како свештеник во Јужна Африка. Другите биографии велат дека тој бил во САД во тоа време. Мудар историчар ќе ги прифати оние записи и биографии кои се согласуваат меѓу себе и кои не си противречат.

Дали има повеќе биографии за Исус од Назарет кои зборуваат за исти или слични факти за Неговиот живот? Да. Иако сите четири Евангелија не ги опфаќаат секогаш истите информации, во основа тие ја кажуваат истата работа:

  Матеј Марко Лука Јован
Исус е роден од девица 1:18-25 - 1:27, 34 -
Исус е роден во Витлеем 2:1 - 2:4 -
Исус живееше во Назарет 2:23 1:9, 24 2:51, 4:16 1:45, 46
Беше крстен од Јован
Крстителот
3:1-15 1:4-9 3:1-22 -
Исус исцелуваше 4:24, итн. 1:34, итн. 4:40, итн. 9:17
Тој одеше по вода 14:25 6:48 - 6:19
Тој нахрани 5000 луѓе со
пет векни и две риби
14:7 6:38 9:13 6:9
Исус ги поучуваше обичните луѓе 5:1 4:25, 7:28 9:11 18:20
Тој се дружеше со отфрлените 9:10, 21:31 2:15, 16 5:29, 7:29 8:3
Се расправаше со
религиозните водачи
15:7 7:6 12:56 8:1-58
Религиозните водачи се
договараат да Го убијат
12:14 3:6 19:47 11:45-57
Исус е предаден на Римјаните 27:1, 2 15:1 23:1 18:28
Исус е камшикуван 27:26 15:15 - 19:1
Исус е распнат 27:26-50 15:22-37 23:33-46 19:16-30
Положен е во гроб 27:57-61 15:43-47 23:50-55 19:38-42
Исус воскреснува и им се
појавува на следбениците
28:1-20 16:1-20 24:1-53 20:1-31

Две од Евангелијата се напишани од Матеј и Јован, луѓе кои лично Го познаваа Исуса и беа со Него преку три години. Другите две се напишани од Марко и Лука, блиски соработници на апостолите. Овие писатели имале директен пристап до фактите што ги запишувале. Раната црква ги прифати четирите Евангелија затоа што беа во склад со она што веќе беше прифатено како општо знаење за животот на Исус.

Секој од авторите на Евангелијата има направено доста детален запис. Како што и би се очекувало од разни биографии за ист човек, постои варијација во стилот, но фактите што се запишани не си противречат од едно до друго Евангелие. Знаеме дека авторите не измислувале работи, бидејќи сите Евангелија наведуваат конкретни географски имиња (топоними) и културолошки детаљи кои веќе се потврдени од историчарите и археолозите.

Запишаните зборови на Исус изоставуваат доста теми за кои раната црква би сакала да има изјава од Него. Ова кажува дека биографиите се искрени и дека авторите не запишувале свои мудрости за да ги задоволат своите интереси.

Дали со тек на времето Библијата е променета и со тоа нејзината порака нарушена?

Некои луѓе мислат дека поради тоа што Новиот Завет е преведен „толку многу пати“, неговата порака е нарушена, извртена и изгубена во преводот. Ако преводите се правени од други преводи, тогаш и би имале што да кажат против. Но работата е во тоа што преводите се направени директно од оригиналниот грчки, еврејски или арамејски текст базиран на илјадници древни записи.

На пример, знаеме дека Новиот Завет што го имаме денес е точен и вистински на оригиналот бидејќи:

  1. Имаме огромен број на примероци од тоа време – преку 24 000.
  2. Сите примероци во 99,5% од случаите се согласуваат меѓу себе од збор до збор.
  3. Датирањето на овие примероци е многу близу до самите оригинали (види го линкот на крајот од овој дел).

Кога човек ќе го спореди текстот од еден примерок со друг примерок, усогласеноста е неверојатна. 0,5% што отпаѓа на грешки се однесува на грешки во спелувањето, или кога некои зборови ги имаат заменето местата со соседните зборови. Но тоа воопшто не го нарушува значењето на пораката. Ќе го илустрирам ова со пример. Кога на македонски ќе кажам: „Мајката го дои детето“ и „Дететото го дои мајката“, значењето на реченицата не се менува, иако зборовите си ги имаат сменето местата. Исто е и со грчкиот јазик.

Д-р Рави Захарија (Ravi Zacharias), вонреден професор на универзитетот Оксфорд коментира: „Како пишан документ, Новиот Завет е најлесно докажливиот древен запис поради огромниот број на примероци, краткиот изминат период помеѓу самите настани и нивното запишување и многубројните записи што се достапни за да го потврдат или порекнат Новиот Завет. Од сите древни и стари дела, нема таков запис или документ што може да се мери со таков текстуален интегритет и изобилност.“5

Новиот Завет е човековиот најверодостоен древен запис. Неговиот текстуален интегритет е посигурен од оној на делата на Платон или Хомеровата Илијада.

И Стариот Завет е многу добро зачуван. Денешните преводи што ги имаме се потврдени од огромен број на древни записи напишани и на еврејски и на грчки, вклучувајќи ги и свитоците од Мртвото Море, откриени во средината од 20-от век. Во овие свитоци се и најстарите постоечки примероци од Старозаветните книги, кои датираат од 150 год. п.н.е. Сличноста на примероците од Мртвото Море со оние направени по илјада години е доказ за тоа со колкава грижа и внимателност Евреите го препишувале (копирале) Светото Писмо низ вековите.

Дали археологијата ја подржува/потврдува Библијата?

Археологијата не може да ни докаже дали Библијата е навистина Божјиот пишан збор упатен кон нас. Но археологијата може да ја потврди историската точност на Библијата, а тоа и го прави. Археолозите постојано откриваат градови, имиња на цареви и владетели и празници што се спомнати во Библијата, дури и кога историчарите не верувале дека такви места и личности постојат. На пример, Евангелието по Јован вели дека Исус исцелил еден болен човек во бањата Бетезда. Текстот дури ги спомнува и петте тремови што воделе кон бањата. Историчарите и научниците воопшто не верувале дека таа бања некогаш постоела, сè додека археолозите не ја пронашле неразрушена на длабочина од 13-ина метри и тоа со сите пет трема.6

Библијата е преполна со историски факти и детаљи, така што археолозите сеуште немаат пронајдено сè што во неа е спомнато. Но сепак, ниту едно археолошко откритие досега не е во спротивност со тоа што Библијата го пишува.7

Кoлку за споредба, новинарот Ли Стробл (Lee Strobel) ги дава следниве коментари за Книгата за Мормон: „Археологијата постојано не успева да ги потврди тврдењата изнесени во оваа книга во врска со разни настани кои наводно се случиле многу одамна во Америка. Се сеќавам дека еднаш напишав писмо до институтот Смитсониан за да се распрашам дали има некакви докази што би ги потврдиле тврдењата на Мормонизмот. Ми беше просто кажано дека нивните археолози не гледаат директна поврзаност помеѓу археологијата на Новиот Свет и предметната материја од книгата.“ Археолозите никогаш не ги пронашле градовите, местата и луѓето што се спомнати во Книгата за Мормон.8

Многу древни локации спомнати од Лука, во книгата на Дела Апостолски во Новиот Завет, се потврдени и најдени со помош на археологијата. „Сè на сè, Лука именува 32 земји, 54 градови и 9 острови без ниту една грешка.“9

Археологијата има побиено доста погрешни теории што луѓето ги смислиле за Библијата. На пример, една теорија која сеуште се поучува на некои универзитети вели дека нема шанси Мојсеј да го напишал Петокнижието (првите пет книги од Библијата) затоа што во негово време писмото сеуште не било измислено. Но тогаш археолозите го открија законикот на Хамураби. „Беше испишан со симболи, кои детално ги опишуваа законите на Хамураби. Дали Хамураби бил после Мојсеј? Не! Тој бил пред него. И не само тоа, туку тој бил и пред Авраам (2000 г.п.н.е.). Тој е пред Мојсеј барем три века.“10

Едно друго големо археолошко откритие, кога биле откриени Ебла (Ebla) плочите во Северна Сирија во 1974, потврдува дека постоела азбука во тоа време. Се смета дека 14 000 глинени плочи потекнуваат од 2300 г.п.н.е., што е неколку стотини години пред Авраам.11 Овие плочи ја опишуваат локалната култура на сличен начин како што таа е опишана во Битие од 12 до 50 глава.

Археологијата постојано ја потврдува историската точност на Библијата.

Дали во Библијата има противречности?

Многу луѓе тврдат дека Библијата е полна со противречности, но тоа едноставно не е точно. Всушност бројот на наводни противречности е доста мал ако се земе предвид големината и опсегот на Библијата. Некои навидум очигледни несогласувања во никој случај не се катастрофални, бидејќи не ги допираат главните поенти за верата.

Еве еден пример за т.н. противречност. Пилат наредил да се постави знак на крстот каде бил распнат Исус. Три од Евангелијата забележуваат што било запишано на тој знак:

Во Матеј: „Овој е Исус, Царот на Евреите.“
Во Марко: „Царот на Евреите.“
Во Јован: „Исус од Назарет, Царот на Евреите.“

Употребата на зборови е различна, од каде и произлегува наводната противречност. Но она што е значајно е дека сите тројца го опишуваат истиот настан до детаљи. Исус беше распнат и сите тројца се согласуваат за таа работа. Тие дури запишуваат и дека бил поставен знак на крстот, чие значење е исто во сите три Евангелија и покрај различните зборови што се употребени!

Зошто не се употребени истите зборови? Во оригиналниот грчки јазик од Евангелијата не се користеле наводници како што денес ние користиме кога цитираме нешто. Авторите цитирале индиректно, на што и се должи суптилната разлика во пасусите.

Еве уште еден пример за наводна противречност. Дали Исус помина две или три ноќи во гробот пред да воскресне? Пред да биде распнат, Исус рече: „Зашто, како што Јона беше во утробата на големата риба три дни и три ноќи, така и Синот Човеков ќе биде во срцето на земјата три дни и три ноќи“ (Матеј 12:40). Марко пак запишува една друга изјава на Исус: „Еве, одиме горе во Ерусалим и Синот Човеков ќе им биде предаден на првосвештениците и на закониците и тие ќе Го осудат на смрт и ќе Го предадат на неевреите; и ќе Му се ругаат, ќе Го плукаат, ќе Го камшикуваат и ќе Го убијат, а Тој по три дена ќе воскресне“ (Марко 10:33, 34).

Исус беше убиен во петок, а воскресна во недела. Во овој временски период нема три дена и три ноќи, нели? Но во времето на Исус, Евреите го сметале кој било дел од дента или ноќта како цел ден и ноќ. Па така, во нивната култура, петок, сабота и недела се сметале како три дена и три ноќи. На некој начин и ние денес зборуваме слично. На пример, кога некој ќе ни каже дека бил во шопинг цел ден, знаеме дека тоа не значи буквални 24 часа шопинг без престан.

Овој и слични на него примери се наводните противречности во Новиот Завет кои лесно се разрешуваат откако текстот ќе се проучи добро или преку проучување на историската позадина.

Кој го напишал Новиот Завет? Зошто да не се прифатат апокрифите, Евангелието по Јуда и Евангелието по Тома?

Има цврсти причини зошто да се верува во постојниот список на Новозаветни книги. Црквата ги има прифатено Новозаветните книги скоро веднаш откако биле напишани. Авторите на книгите биле апостолите на Исус или Неговите следбеници. Тоа беа луѓе на кои Исус им го довери водството на црквата од тоа време. Матеј и Јован беа меѓу најблиските следбеници на Исус. Марко и Лука беа соработници на апостолите, така што лесно можеле да ги дознаат нивните искуства со Исус.

И останатите Новозаветни автори имале директен пристап до Исус: Јаков и Јуда беа полубраќа на Исус кои на почетокот не Му веруваа. Петар беше еден од 12-те апостоли. Павле започна како крвен непријател на христијаните, но стана апостол откако Христос му се јави во визија. Тој имаше контакт и со останатите апостоли.

Содржината на Новозаветните книги беше во склад со она што илјадници сведоци го виделе со своите очи. Кога други книги биле напишани неколку стотина години подоцна (на пр., Евангелието на Јуда, напишано од една гностичка секта околу 130-170 г.н.е., долго време по смртта на Јуда), на црквата не и беше тешко да ги примети дека се лажни. Евангелието на Тома, напишано околу 140 г.н.е. е уште еден пример за лажен документ кој по грешка го носи името на еден од апостолите. Овие и други гностички евангелија се во спротивност со веќе познатите учења на Исус и Стариот Завет, а исто така содржат и бројни историски и географски грешки.12

Во 367 г.н.е., Атанас официјално ги вовел 27-те Новозаветни книги (истиот список што го имаме и денес). Кратко после тоа, Јером и Августин го пуштиле во оптек истиот овој список на Новозаветни книги.

Но овој список не бил неопходен за мнозинството христијани. Целата црква ги признала и употребувала истите книги уште во првиот век, без да има потреба официјално да ги наброи книгите што се во Новиот Завет. Но како што црквата растела и се ширела надвор од грчкото јазично подрачје и требала да ги преведува Писмата и како што разни секти постојано се јавувале со нивен список на свети книги, стана сè поважно црквата да одреди конечен и официјален список на Новозаветните книги.

Зошто биле потребни 30-60 години за да се напишат Евангелијата?

Главната причина поради која Евангелијата не биле напишани веднаш по смртта на Исус и Неговото воскресение е што тогаш немало потреба од тоа. На почетокот Евангелието се пренесуваше усно во Ерусалим. Немаше потреба да се состави пишано дело за животот на Исус бидејќи жителите од Ерусалим и околината беа очевидци за Исус и многу добро ја знаеја Неговата служба.13

Но како што Евангелието се ширеше сè подалеку од Ерусалим и очевидците не беа достапни за да го потврдат, се јави потребата за пишано дело што ќе ги поучува другите за животот и службата на Исус. Многу историчари го датираат пишувањето на Евангелијата помеѓу 30 и 60 години по смртта на Исус.

Лука ни кажува нешто повеќе за ова, кога на почетокот од неговото Евангелие кажува зошто го пишува: „Откако мнозина почнаа да ги опишуваат настаните што се случија меѓу нас, како што ни ги предадоа оние кои од почетокот беа очевидци и служители на Словото, ми се виде добро, откако испитав сè подробно од почетокот, да ти ги опишам по ред, честити Теофиле, за да ја разбереш веродостојноста на она во коешто си бил поучуван.“14

И Јован исто така ја дава причината за пишувањето на неговото Евангелие: „И многу други чудотворни знаци направи Исус пред учениците, што не се запишани во оваа книга; а овие се запишани, за да верувате дека Исус е Христос, Божјиот Син, и верувајќи да имате живот во Неговото име.“15

Дали ти некогаш си прочитал нешто од Евангелијата во Новиот Завет? Ако сакаш да знаеш повеќе за Исус, следниов линк објаснува повеќе: Повеќе од слепа вера.

Важно ли е воопшто дали Исус ги рекол и направил работите што се запишани во Евангелијата?

Да. За верата да има некаква вредност, мора да биде заснована на факти, на реалност. Еве зошто. Ако леташ со авион за Берлин ти покажуваш вера дека авионот е наполнет со гориво, дека пилотот е добро обучен, дека нема терористи, дека авионот е механички исправен итн. Но верата не е таа што ќе одведе до Берлин. Верата е корисна за да те качи на авионот, но она што те одведува до Берлин е интегритетот на авионот, пилотот итн. Може да се потпреш на претходните позитивни искуства што си ги имал со летање. Но ни тоа не е доволно за да те одведе до Берлин. Она што е важно е објектот на твојата вера – дали можеш да се потпреш на него, дали е веродостоен?

Дали Новиот Завет веродостојно и точно го прикажува Исус? Да. Можеме да му веруваме на Новиот Завет бидејќи постојат многу факти што го подржуваат. Овој текст ги допира следниве точки: подршка од историчарите, подршка од археологијата, четирите Евангелија се согласуваат меѓу себе, зачуваноста на примероците е неверојатна и има голема точност во преводите. Сиве овие работи даваат солидна основа да веруваме во она што го читаме од Новиот Завет: дека Исус е Бог, дека Тој ја плати казната за нашите гревови и дека воскресна од мртвите.

Слободно прати ни имејл ако имаш дополнителни прашања.

 Како да започнеш лична врска со Бог?
 Имам прашање…

Фусноти: (1) McDowell, Josh, The New Evidence that Demands a Verdict (Thomas Nelson Publishers, 1999), стр. 55. (2) Тасит (Tacitus):, А.15.44. (3) Wilkins, Michael J. & Moreland, J.P. Jesus Under Fire (Zondervan Publishing House, 1995), стр. 40. (4) Ibid. (5) Zacharias, Ravi, Can Man Live Without God? (Word Publishing, 1994), стр.162. (6) Strobel, Lee, The Case for Christ (Zondervan Publishing House, 1998), стр. 132. (7) Познатиот еврејски археолог Нелсон Глик, (Nelson Glueck), запишал: „Може категорично да се каже дека ниту едно археолошко откритие не е во спротивност со која било библиска референца“, цитирано од McDowell, Josh, The New Evidence That Demands a Verdict (Thomas Nelson Publishers, 1999), стр. 61. (8) Strobel, стр. 143-144. (9) Geisler Norman L. Baker Encyclopedia of Christian Apologetics (Grand Rapids: Baker, 1998). (10) Mcdowell, Josh. Evidence That Demands a Verdict (1972), стр. 19. (11) Pettinato, Giovanni. The archives of Ebla: an empire inscribed in clay (Garden City, NY: Doubleday, 1981). (12) Bruce, F.F. The Books and the Parchments: How We Got Our English Bible (Fleming H. Revell Co., 1950), стр. 113. (13) Види Дела 2:22, 3:13, 4:13, 5:30, 5:42, 6:14 итн. (14) Лука 1:1-4. (15) Јован 20:30, 31.


СПОДЕЛИ ГО ТЕКСТОТ:
WhatsApp Share Facebook Share Twitter Share Share by Email More