×
ПРЕБАРАЈ
StudentskiOdgovori.com
Сигурно место за истражување на
 прашања поврзани со Бог и Животот
Запознај го Бог

Повеќе од слепа вера

Животот на Исус Христос. Дали Тој беше Божјиот Син? Еден краток преглед на животот на Исус и зошто не е слепа вера да се верува во Него…

WhatsApp Share Facebook Share Twitter Share Share by Email More PDF

Од Пол Е. Литл (Paul E. Little)

За нас е невозможно со сигурност да знаеме дали Бог постои и каков е, освен ако Тој не ја превземе иницијативата да ни се открие. Ние мора да знаеме каков е Тој и каков е Неговиот став спрема нас. Да претпоставиме дека знаеме дека постои, но дека е како Адолф Хитлер - каприциозен, злобен, суров и со предрасуди. Навистина би биле ужаснати да дознаеме дека Бог е таков!

Затоа мора да ја проучиме историјата за да видиме дали има некакви докази кои би потврдиле дека Бог им се има откриено на луѓето. Постои еден јасен доказ. Пред околу 2000 години, во едно село во Палестина, се роди едно Дете во штала. Денес целиот свет го слави раѓањето на Исус.

Тој живееше како во тајност до својата триесетта година, кога и ја започна Својата јавна служба која траеше три години. Беше судено тоа да го промени текот на историјата. Тој беше љубезен и речено ни е дека: „Толпата (луѓе) беше восхитена од Неговото учење.“ Исто така Тој: „Поучуваше како Оној Кој има власт, а не како нивните законици“ (Матеј 7:29).

Животот на Исус Христос, Неговата приказна започнува

Наскоро стана јасно дека Тој изјавува шокантни работи за Себеси. Тој почна да зборува дека e многу повеќе од пророк и учител. Тој многу јасно кажуваше дека е Бог. Неговиот идентитет стана главната точка на Неговото учење. Најважното прашање што им го постави на оние што Го следеа беше: „А вие што велите, Кој Сум Јас?“ Кога Петар одговори: „Ти Си Христос, Синот на живиот Бог“ (Матеј 16:15-16), Исус не се изненади, ниту пак го прекори Петар. Туку напротив, го пофали!

Тој ги кажуваше тие изјави многу отворено, така што Неговите слушатели можеа да размислуваат за значењето на Неговите зборови. Во Библијата пишува: „Затоа Евреите уште повеќе сакаа да Го убијат, не само затоа што го нарушуваше саботниот ден, туку и затоа што Бог Го нарекуваше Свој Татко, изедначувајќи се со Бог“ (Јован 5:18).

Во една друга ситуација, Тој рече: „Јас и Мојот Татко сме едно.“ Во истиот момент Евреите сакаа да Го каменуваат. Тој ги праша за кое добро дело сакаат да Го убијат. Тие Му одговорија: „Не Те каменуваме заради добро дело, туку заради богохулство, зашто Ти, иако си човек, се правиш Бог“ (Јован 10:33).

Исус отворено си припишуваше карактеристики што само Бог може да ги има. Кога еден парализиран човек беше однесен кај Исус преку кровот за да биде исцелен, Тој му рече: „Синко, ти се проштаваат гревовите.“ Ова предизвика големо негодување кај религиозните водачи кои во своите срца си велеа: „Што зборува Овој вака? Тој хули! Кој може да проштава гревови, освен Самиот Бог?“ Во критичниот момент кога Неговиот живот беше во прашање, врховниот свештеник Му го постави прашањето директно: „Ти ли си Христос, Синот на Благословениот?“

Исус одговори: „Јас Сум; и ќе Го видите Синот Човеков како седи оддесно на Силата и како доаѓа со небесните облаци.“

Тогаш врховниот свештник ја раскина својата облека и рече: „Зошто ни се потребни други сведоци? Ја чувте хулата!“ (Марко 14:61-64).

Неговата врска со Бог беше толку блиска што Тој го изедначи ставот што луѓето го имаат кон Него со ставот што го имаат кон Бог. Оттука произлегува дека ако човек Го знае Исус, тогаш Го знае и Бог (Јован 8:19; 14:7). Да се гледа Исус значи да се гледа Бог (Јован 12:45; 14:9). Да се верува во Него значи да се верува во Бог (Јован 12:44; 14:1). Да се прими Исус во својот живот значи да се прими и Бог (Марко 9:37). Да се мрази Него значи да се мрази и Бог (Јован 15:23). И да Му се оддаде чест значи да Му се оддаде чест и на Бог (Јован 5:23).

Исус Христос - Божјиот Син?

Како што ги разгледуваме изјавите на Христос, има само четири можности. Тој бил или лажго, или луд, или легенда или Вистината. Ако кажеме дека Тој не е Вистината, тогаш автоматски велиме дека бил една од преостанатите три работи, без оглед дали сме свесни за тоа или не.

(1) Една можност е Исус да лажел кога велел дека е Бог, односно да знаел дека не е Бог, но намерно ги мамел Своите слушатели за да го поткрепи Своето учење со моќ. Малку се тие луѓе кои веруваат и ја подржуваат оваа претпоставка. Дури и оние кои ја порекнуваат Неговата божественост, сепак потврдуваат дека Тој бил голем учител со високи морални вредности. Но сепак, тие не сфаќаат дека тие две изјави се контрадикторни. Тешко дека Исус би можел да биде голем морален учител ако за најважната работа од Неговото учење, имено Неговиот идентитет, Тој бил лажго.

(2) Една поблага, но не помалку шокантна можност е дека Тој бил искрен, но самоизмамен. Денес, таквите луѓе кои си замислуваат дека се Бог ги нарекуваме луди. Тоа сигурно би важело и за Исус доколку Тој навистина замислувал дека е Бог. Но гледајќи го животот на Христос едноставно нема докази за абнормалност и неурамнотеженост што се карактеристични за лудите луѓе. Туку напротив, гледаме целосна смиреност и самоконтрола кога бил под притисок од страна.

(3) Третата алтернатива е дека сите Негови изјави дека е Бог се само легенда, односно дека Неговите следбеници се тие кои во третиот и четвртиот век ги додале тие работи, кои доколку Тој би ги слушнал сигурно би се шокирал. И доколку би се вратил, сигурно веднаш би се откажал од нив.

Денес оваа теорија е отфрлена од многумина поради многуте откритија на современата археологија. Тие откритија непобитно покажуваат дека четирите биографии на Христос биле напишани од луѓе кои живееле во времето на Исус. Пред некое време светски познатиот археолог д-р Вилијам Ф. Олбрајт (William F. Albright), сега пензиониран од Универзитетот Џон Хопкинс (Johns Hopkins), има кажано дека не постои причина да се верува дека кое било од Евангелијата било напишано подоцна од 70-та година од н.е. Би било навистина неверојатно да се поверува дека легенда за Христос во форма на Евангелија се здобила со толкава популарност, тираж и влијание, а да нема ниту парче вистина во сето тоа.

Ова би било слично како некој денес да напише биографија за покојниот Џон Кенеди и во неа да каже дека тој тврдел дека е Бог, дека проштава гревови и дека воскреснал од мртвите. Ваква приказна никогаш не би се ни испечатила бидејќи сеуште има доста луѓе кои го познавале Кенеди.

Оваа теорија за Исус не држи вода поради раното датирање на списите и манускриптите на кои биле напишани Евангелијата.

(4) Преостана уште само една можност, а тоа е дека Исус јас зборувал вистината. Од една страна, разните изјави и тврдења не значат многу. Секој може да даде какви било изјави. Отсекогаш имало и ќе има луѓе што тврдат дека се Бог. И јас би можел да тврдам дека сум Бог, а исто и ти. Но прашањето што сите ние би требало да си го поставиме е: „Со што можеме да ги поткрепиме нашите тврдења и изјави?“ Доколку се работеше за мене, ти ќе можеше за пет минути да ме дискредитираш и да ги побиеш моите тврдења. Најверојатно и за побивање на твоите тврдења мене би ми требало не многу повеќе време. Но кога се работи за Исус од Назарет не е така едноставно. Тој имаше со што да ги поткрепи сите свои изјави и тврдења. Тој рече: „Ако не Ми верувате Мене, тогаш верувајте им на делата и чудата што ги правам, за да знаете и сфатите дека Таткото е во Мене и Јас Сум во Таткото!“ (Јован 10:38, слободен превод)

Докази од животот на Исус

Прво, Неговиот морален карактер соодветствуваше со Неговите тврдења. Многумина од институционализираните луѓе со психички растројства тврдат дека се славни личности или божества. Но тие нивни тврдења се во спротивност со нивниот карактер. Тоа не е случајот со Христос. Тој е уникатен, онака како што Бог е уникатен.

Исус Христос беше безгрешен. Тој водеше таков живот што можеше да им го постави на Своите непријатели следново прашање: „Кој од вас Ме обвинува за грев?“ (Јован 8:46) Толпата замолче иако Тој им се обрати на оние кои толку многу сакаа да покажат на некоја мана или грешка во Неговиот карактер.

Кога читаме за Неговите искушенија, никаде не гледаме дека Тој некогаш исповедал грев. Тој никогаш не побара прошка, иако им рече на Своите следбеници да го прават тоа.

Фактот дека во животот на Исус не може да се најде ниту еден грев или морален неуспех е толку запрепастувачки ако се има предвид искуството на светците од сите векови. Колку повеќе луѓето Му се приближуваат на Бог, толку посвесни стануваат за своите недостатоци, неуспеси и корумпираност. Колку што е некој поблизу до блескава светлина, толку повеќе гледа дека е нечист. Ова важи и за нас обичните смртници во светот на моралноста.

Исто така изненадува што Јован, Павле и Петар кои иако уште од најраното детство беа научени да веруваат дека секој човек е грешен, сепак зборуваа за безгрешноста на Христос: „Тој не направи грев и не се најде измама во Неговата уста“ (1 Петар 2:22).

Пилат, кој не му беше пријател на Исус, рече: „Какво зло сторил?“ Со тоа тој ја призна невиноста на Христос. А римскиот стотник кој ја виде смртта на Христос рече: „Навистина, Овој беше Божјиот Син!“ (Матеј 27:54).

Второ, Христос покажа моќ над природните сили, карактеристика што му се припишува само на Бог, Создателот на тие сили.

Тој ги смири разбеснетите бранови и ветришта во една бура на Галилејското Езеро. Гледајќи го тоа, тие што беа во коработ со Него зборуваа меѓу себе: „Кој е Овој што ветрот и морето Му се покоруваат?“ (Марко 4:41). Исус претвори вода во вино, нахрани 5000 луѓе од пет векни леб и две риби, го воскресна синот на една вдовица и ја врати од мртвите ќерката на еден потресен татко. На еден Негов пријател му има кажано: „Лазаре, излези надвор!“ и на драматичен начин го воскресна од мртвите. Она што е значајно е дека Неговите непријатели не го негирале чудото, туку смислуваа како да Го убијат. „Ако Го оставиме така, сите ќе поверуваат во Него“ (Јован 11:48).

Трето, Исус ја покажа моќта на Создателот над разните болести. Тој ги исцелуваше сакатите да проодат, немите да прозборат и слепите да прогледат. Тој исцелуваше дури и болести кои беа вродени, кои не можеа да се исцелат со лекови. Најзачудувачкото беше исцелувањето на слепородениот и таа случка е забележана во Јован 9. Иако човекот не можеше да им одговори на прашањата на сомничавите испитувачи, неговото искуство беше доволно за да го убеди. „Едно знам: бев слеп, а сега гледам“, им рече тој. Тој беше зачуден што овие луѓе не Го препознаа овој Исцелител како Божјиот Син: „Откако е веков не се чуло дека некој му ги отворил очите на слепороден“ (Јован 9:32,35). За него доказот беше очигледен.

Четврто, највисоката потврда за Неговото тврдење дека е Бог беше Неговото воскресение. Во текот на Својот живот, Христос пет пати претскажа дека ќе умре. Тој исто така претскажа како ќе умре и дека по три дена ќе воскресне од мртвите и ќе им се појави на учениците.

Ова и беше најголемиот тест. Тоа беше тврдење што лесно можеше да се провери и потврди. Или се случило или не.

И приврзаниците и противниците на христијанската вера признаваат дека воскресението на Христос е камен темелникот на верата. Големиот апостол Павле напишал: „Ако Христос не воскреснал, тогаш залудна е нашата проповед, залудна е и вашата вера“ (1 Коринќаните 15:14). Целата своја одбрана Павле ја темели на воскресението на Христос. Или воскреснал од мртвите или не. Ако воскреснал, тогаш тоа е најсензационалниот настан во историјата.

Ако Исус е Божјиот Син...

Ако Христос воскреснал, тогаш со сигурност знаеме дека Бог постои, знаеме каков е и како може да Го запознаеме лично. Во тој случај целата вселена има цел и добива на значење, а во нашиот секојдневен живот е можно да се доживее живиот Бог.

Од друга страна пак, ако Христос не воскреснал од мртвите, тогаш христијанството не е ништо повеќе од еден интересен музејски експонат. Не е веродостојно, објективно ниту реално. Иако е добра помисла, сепак не вреди човек да се фокусира на тоа. Тогаш испаѓа дека мачениците кои со песна биле фрлани на лавовите, мисионерите кои ги даваа своите животи во Еквадор и Конго за да ја пренесат Божјата порака и сите останати кои веруваат во Христос биле замаени и измамени будали.

Оние што го напаѓаат христијанството секогаш го напаѓаат воскресението бидејќи тој настан е суштината на христијанската вера. Еден извонреден напад врз христијанската вера беше смислен од еден млад британски адвокат во раните 30-ти години од минатиот век. Тој беше убеден дека воскресението беше една приказна и производ на фантазијата. Насетувајќи дека тој настан е основата на христијанската вера, тој одлучил да му направи на светот услуга и еднаш засекогаш да ја разоткрие измамата и суеверието. Како адвокат тој почувствувал дека ги има неопходните способности за да ги провери сите докази и да не допушти ниту еден доказ кој не ги задоволува стандардите да биде примен на суд во денешно време.

Но додека го извршувал своето истражување, се случила една неверојатна работа. Имено, случајот не бил ни малку едноставен како што Френк Морисон (Frank Morrison) си претпоставувал. Како резултат на тоа, првата глава во неговата книга Кој го помрдна каменот? (Who Moved the Stone?) го носи насловот Книгата што одбиваше да биде напишана (The Book That Refused to Be Written). Во неа тој опишува како, додека ги испитувал доказите, бил убеден, против неговата волја, да поверува во фактот дека Христос воскреснал од мртвите.

Смртта на Христос

Исусовата смрт беше извршена преку јавно погубување, односно распнување на крст. Властите велеа дека е поради богохулење. Исус рече дека е за да плати за нашиот грев. Откако беше сурово измачуван, Исусовите раце и нозе беа заковани на крстот, каде Тој остана да виси сè додека не умре. Беше прободен од страна со копје за да се потврди Неговата смрт.

Потоа, телото на Исус беше замотано во ленено платно и покриено со околу педесет литри смеса од смирна и алој. Неговото тело беше положено во гроб од карпа на чиј влез беше поставен камен тежок околу 1-1,5 тона, за да го чува гробот. Бидејќи Исус јавно говореше дека ќе воскресне на третиот ден, беше поставена римска стража пред влезот од гробот. Влезот беше запечатен со официјален римски печат со што гробот беше прогласен за римска сопственост.

И покрај сите овие мерки, по три дена телото го немаше. Останаа само ленените повои кои лежеа во форма на тело. Огромниот камен со кој беше запечатен гробот беше поместен настрана.

Дали Исусовото воскресение беше само приказна?

Најраното објаснување што проструи е дека учениците го украле телото! Во Матеј 28:11-15 е забележана реакцијата на првосвештениците и старешините кога стражарите им ја соопштија веста дека телото го нема. Тие им дадоа на војниците пари и им рекоа да кажат дека учениците дошле ноќе, додека тие спиеле за да го украдат телото. Таа приказна беше толку лажна што дури ни Матеј не се мачеше да ја побие. Кој судија денес би ти поверувал кога би му кажал дека додека си спиел ти го украле телевизорот, но знаеш дека комшијата го сторил тоа. Вакви сведоштва на суд можат да бидат само исмеани.

Што е уште поважно, овде се соочуваме со психолошка и етичка контрадикторност. Актот на крадење на Христовото тело било нешто сосема спротивно на карактерот на учениците. Доколку тие го сториле тоа, тогаш тоа би значело дека тие се архитектите на една добро смислена лага, која е одговорна за измамувањето и смртта на илјадници луѓе низ вековите. Незамисливо е дека дури и неколку од учениците да сковале заговор да го украдат телото, никогаш да не би им го кажале тоа на другите.

Секој од учениците беше соочен со измачување и изложен на маченичка смрт поради својата вера. Доста луѓе би умреле за нешто во што веруваат, иако во реалноста тоа можеби е лага, но никој не е спремен да умре за нешто ако знае дека е лага. Ако не во текот на својот животот, тогаш луѓето ја кажуваат вистината на својата претсмртна постела. А ако учениците и го беа зеле телото и Христос навистина беше мртов, сеуште останува проблемот со Неговите јавувања.

Втората хипотеза е дека властите, еврејските и римските, го поместиле телото! Но зошто? Ако веќе ставиле стража пред гробот, тогаш немало причина да го поместат телото. Понатаму, зошто властите молчеле додека апостолите храбро го проповедале воскресението во Ерусалим? Религиозните водачи беа исполнети со бес и гнев и сторија сè што можеа за да го спречат ширењето на веста за воскресението на Исус. Тие ги уапсија Петар и Јован, ги истепаа и им се закануваа со цел да ги замолчат.

Еве го едноставното решение за оваа хипотеза. Ако тие навистина го имале Христовото тело, сè што требаше да направат е да го покажат на улиците низ Ерусалим. Со еден таков потег тие успешно би го уништило христијанството во самиот негов зародиш. Тоа што тие не го направија тоа сведочи за фактот дека тие го немале телото.

Една друга популарна теорија е дека жените, изнемоштени од тага, го промашиле патот во утринската магла и отишле до погрешниот гроб. Во нивната агонија, тие претпоставиле дека Христос воскреснал бидејќи гробот бил празен. Но и оваа теорија паѓа во вода поради истиот факт што ги поби и претходните две теории. Ако жените отишле на погрешниот гроб, тогаш зошто првосвештениците не отишле на вистинскиот гроб за да го покажат телото? Понатаму, незамисливо е дека Петар и Јован би паднале на истата грешка, а Јосиф од Ариматеја, човекот што го купил гробот би го разрешил проблемот. Мора да се запомни и дека тоа беше приватен гроб, а не градски гробишта. Во близина немаше друг гроб за жените да го замешале со некој друг.

Има уште една теорија која се обидува да го објасни празниот гроб, а тоа е дека Исус бил онесвестен. Според ова гледиште, Христос не умрел, туку по грешка било јавено дека е мртов, а Тој всушност се онесвестил поради проживеаното мачење, болката и изгубената крв. Кога бил поставен во ладниот гроб, Тој се разбудил. Излегол од гробот и им се јавил на Неговите ученици, кои погрешно помислиле дека Тој воскреснал.

Ова е современа теорија. Првин се јавила на крајот од осумнаесеттиот век. Значајно е да се спомене што оваа теорија не потекнува од дамнешни времиња кога биле извршени најголемите напади над христијанството. Сите најрани записи се категорични за Исусовата смрт.

Но ајде за момент да претпоставиме дека Христос бил во несвест кога бил положен во гробот. Зарем може да се поверува дека Тој би преживеал три дена во влажен гроб без храна, вода и нега? Дали би ја имал силата да излезе од повоите во кои бил замотан, да го помести тешкиот камен, да ги совлада стражарите и да пешачи неколку километри иако нозете му биле прободени? Да се верува во ова е поневеројатно од самото воскресение.

Дури и германскиот критичар Давид Штраус (David Strauss), кој не верува во воскресението ја отфрлил оваа теза:

Невозможно е некој кој штотуку излегол полумртов од гробот, кој се влечкал болен и слаб, кому му била потребна лекарска грижа, завои и зајакнување и кој претрпел такви страдања, да можел да им остави на учениците впечаток дека Тој е победникот над смртта; дека е Принцот на Животот.

И на крај, ако оваа теорија е точна, тогаш Самиот Христос бил вклучен во очигледна лага. Неговите ученици веруваа и проповедаа дека Тој умрел, но дека оживеал. Исус не сторил ништо за да го отфрли тоа верување, туку напротив, го охрабрувал.

Единствената теорија што дава вистинско објаснување за празниот гроб е воскресението на Исус Христос од мртвите.

Што значи животот на Исус Христос за тебе

Ако Исус Христос воскреснал од мртвите, докажувајќи дека е Бог, тогаш Тој е жив и денес. Тој сака многу повеќе од тоа да биде само обожуван. Тој сака ние да Го запознаеме и да влезе во нашите животи. Исус рече: „Еве, стојам пред вратата (на твоето срце) и чукам; ако некој го чуе Мојот глас и ја отвори вратата, ќе влезам кај него“ (Откровение 3:20).

Покојниот Карл Густав Јунг (Carl Gustav Jung) рекол: „Главната неуроза на нашето време е празнотијата.“ Секој од нас длабоко во себе чувствува тежнение неговиот живот да има значење и цел. Исус ни нуди поизобилен и значен живот кој е можен само преку врска со Него. Исус рече: „Јас дојдов за да имаат живот и да го имаат во изобилие“ (Јован 10:10).

Бидејќи Исус умре на крстот, превземјаќи го на Себе гревот на човекот, Тој сега ни нуди прошка, прифаќање и вистинска и искрена врска со Него.

Уште сега може да Го поканиш Исус Христос во твојот живот. Би можел да Му кажеш нешто како: „Исусе, Ти благодарам што умре на крстот за моите гревови. Те молам прости ми и влези во мојот живот сега. Ти благодарам што ми овозможи да имам врска со Тебе.“

Ако ти се потребни повеќе информации за тоа Кој е Исус, или имаш дополнителни прашања, те молам прати ни имејл.

 Јас тукушто Го примив Исус во мојот живот (следуваат некои информации што ќе ти бидат од помош)…
 Можеби сакам да Го поканам Исус во мојот живот, (те молам објасни ми како да го направам тоа…)
 Имам прашање…

Адаптирано од Know Why You Believe од Paul E. Little, издадена од Victor Books, copyright © 1988, SP Publications, Inc., Wheaton IL 60187. Употребено со дозвола.


СПОДЕЛИ ГО ТЕКСТОТ:
WhatsApp Share Facebook Share Twitter Share Share by Email More