×
ПРЕБАРАЈ
StudentskiOdgovori.com
Сигурно место за истражување на
 прашања поврзани со Бог и Животот
Запознај го Бог

Како да се пронајде идеалниот Бог?!

Светот ни нуди најразлични верзии на Бог – дали оној Бог кој ни го открива Библијата е идеален Бог?

WhatsApp Share Facebook Share Twitter Share Share by Email More PDF

Многумина од нас имаат своја претстава каков треба да биде „идеалниот“ Бог. Можеби си мислиме дека Бог треба да биде способен, да може да се поврзе со нас, да се грижи за нас. Библијата ни ги открива следниве особини за Бог…

#1: Поголем е од нас

Човештвото напредна многу во последните години. Ние можеме да живееме подолго од нашите предци, на побрз начин да комуницираме со другите, и за миг да добиеме корисни информации.

Но, иако напреднавме многу во некои области, се чини дека назадуваме во други. Секоја деценија се зголемува стапката на насилниот криминал, разводот и самоубиствата меѓу тинејџерите. Илјадници луѓе умираат секојдневно поради секташки омрази. Стотици милиони луѓе се гладни постојано.

Оваа листа нема крај. Некои велат дека самите тие се бог. Господари на сопствената судбина. Ако човештвото е бог, се чини дека не си ја вршиме добро работата. Затоа, зар не е подобро да постои Бог кој е поголем од човештвото, Бог Кој може да нè одведе подалеку од онаму каде што самите можеме да се однесеме?!

Бог кој Библијата го опишува е токму таков Бог. Тој изјавува дека е Создателот на универзумот – ненадминат, сезнаен, семоќен, Кој отсекогаш постоел и Кој одржува сè што постои. Тој вели: „Јас ја направив земјата и го создадов човекот на неа; со Своите раце ги оптегнав небесата“1; „Јас Сум Бог, и нема друг Бог, никој не Ми е сличен!„2; „Јас Сум… Кој е и Кој беше и Кој иде – Сèмоќниот“3.

#2: Може лично да се спознае

Денес е популарно да се мисли дека Бог е некаква невидлива сила која постои во сите нешта. Но дури и ако сите нешта постојат и се одржуваат секој момент со Божјата сила, сепак Бог е многу повеќе од тоа. На пример, зар не е подобро да имаме Бог кој е многу повеќе како родител, брат, сестра или пријател?! Некој со кого можеме да разговараме, на кој можеме да ги кажеме нашите проблеми, од кого можеме да добиеме водство, некој со кого можеме да го искусиме животот. Што е толку посебно кај оној Бог кој е безличен, непознат, далечен?

И покрај Неговото величие и „необичност“, Бог од Библијата е познат и сака да биде спознаен. Иако Тој е невидлив, ние можеме да разговараме со него, да му поставуваме прашања и да го слушаме, а Тој ќе ни одговори и ќе нè упатува низ животот. Честопати, ни ги дава одговорите и водството преку Неговото Писмо, Библијата, која многумина ја нарекуваат Божјото љубовно писмо кон нас.

Една личност може да изгради ист однос со Бог каков што има со некој близок член од семејството. Всушност, оние што го познаваат, Тој ги нарекува Свои деца, Своја невеста, Свои пријатели. Така, Бог во Библијата е сè само не безличен Бог. Тој се лути и се растажува, покажува милост, љубезност и опростува, и целосно е емотивно битие. Тој е високо интелектуално битие, има своја личност и расудување. Покрај факти, можеме многу повеќе да дознаеме за Неговата личност, всушност можеме да го познаваме лично, како најдобар пријател. „А ова е вечен живот: да Те познаат Тебе, Единствениот вистински Бог“4.

#3: Може да се поистовети со човечкото искуство

Некои сметаат дека Бог е далечен и недостапен, Тој го создал универзумот, а потоа го оставил сам да опстојува. Зар не е подобро да имаме Бог кој е инволвиран во универзумот, а особено во она што случува овде, на Земјата?! А што е со различните проблеми, одговорности и предизвици со кои се соочуваме како човечки битија? Зар не е подобро да имаме Бог кој може да ги разбере сите овие нешта, Бог кој знае како е да се живее животот во суровиот свет кој Тој дозволил да постои?!

Бог од Библијата знае што значи да се биде човек. Исус Христос не беше само Божји Син, Тој беше Бог кој зеде човечки облик и човечка природа. „Во почеток беше Словото (Исус), и Словото (Исус) беше во Бога, и Словото (Исус) беше Бог. И Словото стана тело и се настани меѓу нас“5.

За Божјиот Син, Библијата вели: „Тој е одблесок на Неговата слава и одраз на Неговото битие“6, „Тој е образ на невидливиот Бог“7, „Силен Бог, Вечен Татко“8, кој „се најде во лик како човек“9, „Зашто во Него живее сета полнота на Божеството“10, и „зашто во Него е создадено сè што е во небесата и на земјата; видливо и невидливо“11.

Исус, за Самиот Себе, вели: „Кој Ме видел Мене, Го видел и Таткото“12; „И кој Ме гледа Мене, Го гледа Оној, Кој Ме прати“13. И, „Јас и Татко Ми едно сме”14.

Иако целосно беше Бог, Исус, исто така, на некој начин, беше и целосно човек. Беше гладен, спиеше, плачеше, јадеше. Претрпе секаков вид тешкотии со кои ние се соочуваме. Затоа, Библијата вели дека Тој не е „првосвештеник кој не може да сочувствува со нашите слабости“15. Тој беше „ искушуван во сè како нас, освен гревот“15.

Така, Бог од Библијата не се повлече од болката, страдањето и злото во нашиот свет. Тој го живееше животот како ние што мораме да го живееме. Всушност, Тој беше многу понизен додека беше на Земјата. Се роди во сиромашно семејство, не беше физички привлечен, се соочуваше со разни предрасуди и омраза, не беше сфатен правилно ниту од своето семејство и пријателите, и беше неправедно погубен.

#4: Тој вистински се грижи за нас

Повеќето од нас сакаат да бидат прифатени и сакани. Сакаме луѓето вистински да се грижат за нас, а не само со површни зборови. Сакаме својата грижа и загриженост за нас да ја покажат на дело. Зар не би го сакале истото и од Бог?! Односно, би било идеално ако Бог вистински се грижи за нас и на опиплив начин ни ја докаже Својата љубов кон нас.

Бог од Библијата вистински се грижи. Тоа го кажа тоа и со зборови. Всушност, Библијата вели дека „Бог е љубов“16. Но, грижа и загриженост не покажуваш толку многу со зборови колку со дела. Токму во тоа, Бог од Библијата е уникатен и чудесен. Тој навистина ни покажува колку многу се грижи…

„Во тоа ни се откри Божјата љубов, кон нас, што Бог Го испрати во светот Својот Единороден Син за да живееме преку Него. Љубовта е во ова: не дека ние сме Го возљубиле Бога, туку Тој нè возљуби нас и Го испрати Својот Син како жртва помирница за нашите гревови“17. „Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој, кој верува во Него, да не загине, туку да има вечен живот“18.

Бог од Библијата тврди дека е совршен и свет. „ Бог е светлина и во Него нема никаква темнина“19. Како таков, Тој сака да гради искрени и чисти односи. Затоа, Бог го прати Својот Единствен Син да подготви пат, за ние да се очистиме пред Бог. Исус живееше морално совршен живот, а потоа беше претепан, мачен и распнат како „казна“ за сите погрешни нешта што сме ги кажале, сториле или помислиле (наречени „гревови“). Всушност, Тој умре наместо нас, за нас – „Оној, Кој не знаеше за грев, Бог Го направи грев за нас, за да станеме Божја правда во Него“20. „Сите скитавме како овци, и секој одеше по својот пат. А Господ ги возложи на Него беззаконијата (гревовите) на сите нас“21.

Бог толку многу се грижи за нас што го прати Својот Син да умре наместо нас, за нашите гревови. Толку многу сакаше да нè зближи со Него. Беше спремен да стори сè што е потребно... а неопходно е да се справи со нашиот грев. Сега, целосно ни е опростено и можеме да градиме непречен однос со Него.

#5: Тој држи сè под контрола

Сите ужасни нешта што се случуваат во светот покажуваат дека добар, семоќен Бог не постои, зар не?! Не мора да значи! Дури и совршениот Бог дозволува лоши нешта да се случуваат понекогаш, како дел од еден повозвишен план. Бог постојано знае сè што се случува во секое време и го дозволува тоа како дел од Неговиот величествен план.

Бог од Библијата е таков Бог. Тој тврди дека ништо на Земјата не се случува без Негово знаење. Тој е целосно суверен над сите нешта. „Кој рекол нешто и се случило? Не го заповеда ли тоа Господ?“22 „Оној Сум, Кој јавува однапред за она што уште не се збиднало! Јас велам: ‘Мојата одлука ќе се исполни, ќе извршам сè што Ми е по волја.’“23 „Господовиот наум останува довека, и мислите на Неговото срце од род до род“24. „што ќе науми Господ, тоа и ќе биде“25.

Тоа не значи дека сè што се случува е по Божја волја. На пример, Исус им кажа на учениците како да се молат; во таа молитва, една од клучните изјави е оваа: „да биде Твојата волја, како во небото, така и на земјата“26; Божјата морална волја секогаш се извршува на небесата, но не и на Земјата. Иако Бог е суверен над сите нешта, не му се допаѓа сè што се случува на Земјата. Но, од одредена причина, дозволува тоа да се случи (тоа е Неговата толерантна волја), можеби како дел од слободата на избор која сите ние како човечки битија ја имаме.

Но, Бог од Библијата има план, и нема да се одмори „додека Тој не ги изврши и не ги исполни замислите на Своето срце“27. Каков е тој план? Божјата крајна цел е да живее со луѓето во тотално поразлична средина од онаа во која ние живееме. За идниот свет, Бог ова го вели: „Еве го Божјиот Шатор меѓу луѓето; и Тој ќе живее со нив, и тие ќе бидат Негов народ, и Самиот Бог ќе биде со нив, и ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ни тага, ни плач, ниту болка, зашто првото помина. Ете, правам сè ново”28.

#6: Ни дава смисла и цел во животот

Ако размислуваш на некоја важна задача или проект кој си го завршил, веројатно се сеќаваш на целта која си ја имал за сето тоа да го завршиш. Зар не сакаш и твојот севкупен живот да изгледа така?! Да постигнеш нешто во животот?! Можно ли е да постои Бог кој го создал твојот живот со цел, и може да те води да ја исполниш таа цел?!

Да! Бог од Библијата може да го стори тоа! Тој ни ветува дека може да им даде на нашите животи смисла и цел. Преку односот со Него, ние можеме да вршиме „добри дела, кои Бог ги подготви однапред, за да живееме во нив“29. Можеме да направиме позитивни промени во животите на другите. Можеме да станеме дел од Неговиот величествен план.

Бог од Библијата, исто така, вели дека, во односот со Него, секој момент Тој ќе нè насочува за да можеме да го вршиме она што му е Нему угодно, и она што е најдобро за нас постојано. „Мисли на Него на сите свои патишта и Тој ќе ги исправи твоите патеки“30. Тоа не значи дека така животот станува совршено прекрасен. И понатаму ќе постојат болести, проблеми, и лични падови. Животот не станува совршен, туку се збогатува. Придобивките од познавањето на Бог, Тој вели, се: „љубовта, радоста, мирот, трпението, љубезноста, добрината, верноста, кротоста, самоконтролата“31.

#7: Ни нуди вистинска исполнетост

Како со љубовта и прифаќањето, повеќето од нас сакаат да бидат исполнети во животот. Се чини дека постои нешто слично на жед во нас што копнее да биде задоволена. Но таа жед – дури и кога се трудиме – не се гаси со нешта како што се парите, имотот, романсата, или забавата. Затоа, зар не би било одлично ако постои Бог кој може да ја угаси таа „жед“, Бог, чие присуство носи постојано задоволство во нашиот живот?!

Бог од Библијата ни нуди најисполнет живот што можеме да си замислиме. Исус вели: „Јас дојдов за да имаат живот и да го имаат изобилно”32. Исто така, рече: „Јас Сум Лебот на животот; кој доаѓа при Мене нема да огладни и кој верува во Мене нема никогаш да ожедни“33. Затоа, Бог од Библијата ни ветува дека ќе го задоволи тој внатрешен копнеж кој се чини ништо друго не може да го задоволи. (Веројатно поради ова нè создал токму на таков начин!)

Копнеж за идеален Бог

Според Библијата, постои само еден вистински Бог, само еден Создател на сите нешта. И тој Бог е идеален Бог. Не можеме да посакаме да постои подобар Бог од овој, но дури и да можеме, зошто би го посакувале тоа? Вистинскиот Бог е најдобриот Бог што може да постои.

Оваа статија начна само дел од она, каков е навистина Бог од Библијата. Ако посакуваш да истражуваш повеќе на оваа тема, можеш да ја читаш Библијата, во делот „Јован“. Ако си искрен, и ако Бог од Библијата е вистински, зарем не е логично да ти се објави Себеси?! Тој вели: „Јас ги љубам оние кои ме љубат мене, и ме наоѓаат кои ме барат“34. „Молете и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори“35.

“Вистинскиот Бог всушност е најдобриот Бог што може да постои.”

Се прашуваш ли дали можеш да познаваш ваков идеален Бог? Всушност, кога започнуваш да градиш однос со Бог, тоа многу наликува на односот што почнува да се гради на почетокот во бракот. Мора да се донесе одлука, доброволно да се стапи во таков однос. На сличен начин, на Бог треба искрено да му кажеш „да“.

Исус Христос умре за нашите гревови, воскресна од мртвите три дена подоцна, и жив е и денес. Тој ни нуди нов живот ако му веруваме дека ги простил нашите гревови: „Зашто тоа е волјата на Мојот Татко, секој што ќе Го види Синот и поверува во Него - да има вечен живот, и Јас ќе го воскреснам во последниот ден”36.

Бог не е само некој што почитува личности. Сите се создадени според неговиот лик. Така, неговото вечно семејство се опишува како „големо множество народ - што никој не можеше да го изброи - од сите народности и племиња и народи и јазици“37. И ниту еден грев во животот не може да те спречи да започнеш да градиш однос со Него. Тој се погрижи за гревот на крстот, каде Исус беше распнат. Сега треба ти да поверуваш во Исусовата смрт за твое добро, без оглед како си живеел во минатото.

Кога ќе започнеш да градиш однос со Бог, тој однос би требало да трае и во вечноста. Но исто така, треба да биде динамичен и витален однос и денес, во овој живот, однос кој постојано ќе созрева. Како и секој друг однос, ќе има подеми и падови, час ќе биде добар, час ќе биде лош, проследен и со радост и со болка. Но ќе градиш однос со Бог кој те создаде токму за таа цел (да го познаваш Него).

Дали сметаш дека Бог те допира во срцето? Исус рече: „Еве, стојам на вратата и чукам; ако некој го чуе Мојот глас и ја отвори вратата, ќе влезам при него“38. Ако сакаш да го поканиш Бог да дојде во твојот живот токму сега, еве една молитва која може да ти послужи како водич (важно е искрено да му се обратиш Нему, а не какви зборови ќе употребиш):

Драги Боже, исповедам дека сум грешник. Ти благодарам што ги зеде сите мои гревови врз себе во личноста на Исус Христос, додека беше на крстот. Сакам да ја примам твојата прошка и да почнам да градам однос со Тебе. Те молам, дојди во мојот живот како мој Спасител и Господ, да бидеш мој Бог од денес па натаму, и да ме изградиш во личност каква што сакаш да бидам.

 Јас тукушто Го примив Исус во мојот живот (следуваат некои информации што ќе ти бидат од помош)…
 Можеби сакам да Го поканам Исус во мојот живот, (те молам објасни ми како да го направам тоа…)
 Имам прашање…

Фусноти: (1) (1) Исаија 45:12 (2) Исаија 46:9 (3) Откровение 1:8 (4) Јован 17:3 (5) Јован 1:1, 14 (6) Евреите 1:3 (7) Колошаните 1:15 (8) Исаија 9:6 (9) Филипјаните 2:8 (10) Колошаните 2:9 (11) Колошаните 1:16 (12) Јован 14:9 (13) Јован 12:45 (14) Јован 10:30 (15) Евреи 4:15 (16) 1 Јован 4:8, 16 (17) 1 Јован 4:9-10 (18) Јован 3:16 (19) 1 Јован 1:5 (20) 2 Коринтјаните 5:21 (21) Исаија 53:6 (22) Плач Еремиин 3:37 (23) Исаија 46:10 (24) Псалми 33:11 (25) Изреки 19:21 (26) Матеј 6:10 (27) Еремија 23:20 (28) Откровение 21:3-5 (29) Ефешаните 2:10 (30) Изреки 3:6 (31) Галтјаните 5:22-23 (32) Јован 10:10 (33) Јован 6:35 (34) Изреки 8:17 (35) Матеј 7:7 (36) Јован 6:40 (37) Откровение 7:9 (38) Откровение 3:20


СПОДЕЛИ ГО ТЕКСТОТ:
WhatsApp Share Facebook Share Twitter Share Share by Email More