×
ПРЕБАРАЈ
StudentskiOdgovori.com
Сигурно место за истражување на
 прашања поврзани со Бог и Животот
Запознај го Бог

Кој беше Исус?

Краток преглед на животот на Исус Христос од Библијата.

WhatsApp Share Facebook Share Twitter Share Share by Email More PDF

Следниов текст ви нуди краток преглед на животот на Исус Христос. Ова се извадоци од Евангелието според Јован, од Библијата. Нема додадени коментари. Тие ќе ти дадат прецизен и краток преглед на животот, смртта и воскресението на Исус, и зошто неговиот живот е значаен за тебе.

Јован 1

Уште на почетокот постоеше Зборот (Исус).
Зборот беше со Бог и Зборот беше Бог.
Од самиот почеток, Зборот беше со Бог. Се што постои беше создадено преку Зборот. Не постои ништо создадено, кое не беше создадено преку Зборот!
И самиот живот беше во Зборот, и Тој живот им дава светлина на луѓето.
Оваа Светлина свети во темнината, и темнината никогаш не може да ја изгаси.

Иако Зборот беше во светот и светот беше преку Него создаден, светот не Го позна. Кај Своите дојде, но тие не Го прифатија. А на сите што Го прифатија - на оние што поверуваа во Него - им даде право да станат Божји чеда. Тие се нановородени, но овојпат не физички, не од телесна похота, или пак од волјата на маж, туку се родени од Бог.

Зборот стана човек и живееше меѓу нас. Ние ја видовме Неговата слава - славата што Тој ја прими како Единороден Син од небесниот Татко. Тој беше полн со љубов и искреност.

Јован 3

Меѓу фарисеите имаше еден човек по име Никодим, кој беше еврејски верски старешина. Тој дојде кај Исус ноќе и му рече: „Раби, знаеме дека Ти си учител дојден од Бог, зашто овие чуда што Ти ги правиш никој не може да ги прави, ако Бог не е со него!“

Исус му одговори: „Најсериозно ти велам: ако човек наново не се роди, не може да го види Божјото царство!“

„Како може стар човек наново да се роди!?“- праша Никодим. „Може ли да се врати во утробата на својата мајка и повторно да се роди!?“

Исус му одговори: „Ти велам и ти нагласувам: ако човек не се роди од вода и Дух, не може да влезе во Божјото царство! Телото може да роди само тело, додека Светиот Дух раѓа нов, духовен живот, од небото. Не чуди се што ти реков:,Морате наново да се родите!‘ Ветрот дува каде што сака. Звукот му го слушаш, но не знаеш од каде доаѓа и каде оди. Така е со секој што е роден од Духот.“

„Како може тоа да биде!?“ - праша Никодим.

Исус му рече: „Како можеш да му бидеш учител на израелскиот народ, а да не го знаеш тоа!? Никој не бил горе на небото, освен Синот Човечки, Кој слезе од небото. Секој што ќе поверува во Него, ќе се здобие со вечен живот.

Зашто Бог толку ги засака луѓето од овој свет, што Го даде Својот Единороден Син, за да не загине ниту еден што верува во Него, туку да има вечен живот. Бог не Го испрати Својот Син во светот за да го осуди светот, туку да го спаси преку Него. Ниту еден што верува во Него нема да биде суден. Оној, пак, што не верува, веќе е осуден, затоа што не поверувал во Единородниот Божји Син.

Јован 5

Под тремовите лежеа многу болни: слепи, сакати и парализирани. Таму имаше еден човек, кој боледуваше веќе триесет и осум години. Исус го виде како лежи и знаејќи дека веќе долго време боледува, му рече:
„Стани, земи си ја постилката и оди си…!“

Човекот веднаш оздраве, си ја зеде постилката и почна да оди. Но тој ден беше сабота, па затоа еврејските верски водачи му рекоа на исцелениот: „Сабота е! Забрането е да ја носиш постилката!“

Тој им одговори: „Човекот што ме исцели, ми рече: ,Земи си ја постилката и оди!‘“

„Кој е тој човек што ти го рекол тоа?“ - го прашаа тие. Човекот... им кажа на еврејските верски водачи дека Оној што го исцели е Исус.

Поради ова, еврејските верски водачи почнаа да Го прогонуваат Исуса, зашто вакви работи правеше во саботите. Но Исус им одговори: „Мојот небесен Татко не престанува да работи, па и Јас работам.“
Заради ова, еврејските верски водачи уште поцврсто беа решени да Го убијат, зашто Тој не само што ја прекршуваше уредбата за саботата, туку и Бога Го нарекуваше Свој Татко, изедначувајќи се така со Бог.

Јован 6

Исус го подигна својот поглед и забележа дека многуброен народ доаѓа кај Него, му се обрати на Филип: „Каде да купиме леб за да ги нахраниме луѓево?“ Исус го рече ова за да види што ќе му одговори Филип, бидејќи Исус знаеше што ќе прави.

„За да добие секој од нив барем по едно залаче, ќе треба да купиме леб за повеќе од двесте денарии!“ - одговори Филип. Тогаш Андреј, еден од Исусовите ученици и брат на Симон Петар, Му рече: „Овде се наоѓа едно момче кое има пет јачменови лебови и две риби; но што е тоа за толку многу народ!?“

„Кажете им на луѓето да седнат“ - рече Исус. На тоа место имаше многу трева, па луѓето испоседнаа, а на број беа околу пет илјади, сметајќи ги само мажите. Тогаш Исус ги зеде лебовите, и откако Му заблагодари на Бог, им ги раздели на поседнатите луѓе, а им раздели и од рибите, на секој колку што сакаше.

Кога народот се најаде, Исус им рече на Своите ученици: „Соберете ги парчињата што останаа, ништо да не пропадне.“ Од петте јачменови лебови, тие собраа и наполнија дванаесет кошници со парчиња што им останаа на луѓето кои јадеа.

Исус им одговори: „Вистина е дека вие не Ме барате затоа што ги разбравте Моите чуда, туку затоа што јадевте од лебовите и се наситивте! Престанете да се грижите само за храната што се расипува! Погрижете се за храната што дава вечен живот, која ќе ви ја дадам Јас, Синот Човечки, затоа што, Бог, небесниот Татко, Ми го даде тоа право!“

„Што треба да правиме, за да го исполниме она што Бог го бара од нас?“ - го прашаа тие.

Исус им одговори: „Бог бара од вас да верувате во Оној што Тој Го прати.“
Исус им рече: „Јас сум животодавниот Леб! Оној што доаѓа кај Мене никогаш нема да огладни и оној што верува во Мене никогаш нема да ожедни. А волјата на Бог, Кој Ме прати е да не изгубам ниту еден од оние што Тој ми ги даде, туку на крајот сите да ги воскреснам за вечен живот.

Јован 7

А во последниот и најважен ден од празникот, Исус застана и извика: „Кој е жеден, нека дојде кај Мене да пие! Како што вели Светото Писмо: „Реки животодавна вода ќе потечат од срцето на оној што верува во Мене!“ (Исус ова го рече за Светиот Дух, Кого имаше намера да им Го даде на оние кои поверуваа во Него. Светиот Дух се уште не му беше даден никому, бидејќи Исус се уште не беше целосно прославен.)

Кога народот го слушнаа ова, некои од нив рекоа: „Овој мора да е претскажаниот Пророк!“ Други велеа: „Овој е Месијата!“

Јован 10

Ве уверувам дека, штом некој не влегува низ вратата на трлото, туку се обидува да прескокне на друго место, тој е крадец и разбојник. Вистинскиот пастир на овците влегува низ вратата.
Исус им ја кажа оваа алегорична приказна, но тие не разбраа што сакаше да им каже.

„Јас сум добриот Пастир. Добриот пастир го дава Својот живот за овците. Наемникот не е вистински пастир; овците не се негови, и кога тој ќе забележи дека се приближува волк ги остава овците и бега. Тогаш волкот го напаѓа стадото и го распрснува. Наемникот бега, зашто е наемник и не му е грижа за овците.

Јас сум добриот Пастир. Јас ги познавам Моите овци и тие Ме знаат Мене, како што Таткото Ме знае Мене, и како што Јас Го знам Таткото. И Својот живот го давам за овците.

Таткото Ме сака, бидејќи Јас го давам Својот живот за повторно да си го земам. Никој не ми го одзема животот, туку Јас доброволно го давам. Имам моќ да го дадам Својот живот и имам моќ повторно да си го вратам. Ова овластување го примив од Мојот Татко.“

Ако го правам истото, тогаш, дури и да не Ми верувате Мене, верувајте им на делата, за да сфатите еднаш засекогаш дека Таткото е во Мене и Јас сум во Таткото!“

Јован 11

Еден пријател на Исус, по име Лазар, се разболе. Тој беше од селото Бетанија, и живееше со своите сестри Марија и Марта... Тогаш сестрите испратија ваква порака до Исус: “Господе, твојот драг пријател се разболе!“ Штом го слушна тоа, Исус, иако многу ги сакаше Марта, нејзината сестра и нивниот брат Лазар, сепак, откако слушна дека Лазар е болен, Тој остана уште два дена таму каде што беше.

Потоа им рече на Своите ученици: „Ајде сега да се вратиме во Јудеја!“ „Учителе!“ - Му рекоа учениците - „Еврејските верски водачи штотуку сакаа да Те каменуваат, а Ти повторно сакаш да одиш таму!?“

Исус им најави: „Нашиот пријател Лазар заспал, и Јас одам таму за да го разбудам.“

„Господе“, - Му рекоа учениците - „Штом заспал, значи дека заздравува од болеста!“ (Исус сакаше да каже дека Лазар умрел, но тие претпоставија дека зборува за обично спиење.) Тогаш Исус отворено им рече: „Лазар умре...Но, ајде да одиме кај него.“

Кога Исус пристигна во Бетанија, Му кажаа дека Лазар е веќе четврт ден во гробот. Кога Марта дозна дека Исус доаѓа, таа Му појде во пресрет… „Господе, да беше Ти овде мојот брат немаше да умре! Но, знам дека Бог ќе Ти даде и сега, се што ќе посакаш од Него!“

„Брат ти ќе воскресне!“ - и одговори Исус.

Марта Му рече: „Знам дека ќе воскресне на крајот, кога ќе биде воскресението.“

Тогаш Исус и одговори: „Јас сум Тој што воскреснува и дава живот! Секој што верува во Мене, ќе живее, дури и ако умре! Секој што ќе поверува во Мене за време на својот живот, никогаш нема да вкуси вечна смрт! Веруваш ли во тоа?“

„Да, Господе“, - Му одговори Марта - „јас поверував дека Ти си Месијата, Божјиот Син, што Го очекувавме да дојде на светот!“

Кога Марија дојде до местото каде што беше Исус и кога Го виде, клекна пред Неговите нозе и Му рече: „Господе, да беше Ти овде мојот брат немаше да умре!“

Виде Исус како плачат Марија и Евреите што беа со неа длабоко се натажи и се потресе. „Каде го погребавте?“ - запраша Тој. „Господе“, - Му рекоа тие - „дојди да видиш.“

Исус заплака. Тогаш присутните Евреи говореа: „Види колку го сакал својот пријател Лазар!“ Некои, пак, од нив рекоа: „Зарем Овој Човек што му ги отвори очите на слепиот не можеше да ја спречи смртта на Лазар!?“

Пак длабоко трогнат, Исус дојде до гробот. Тоа беше една пештера чиј влез беше затворен со камен. „Тргнете го каменот!“ - рече Исус.

„Господе“, - Му рече Марта, сестрата на умрениот - „четири дена поминаа откако брат ми умре и телото веќе смрди!“

Исус и одговори: „Нели ти реков дека, ако веруваш, ќе ја видиш Божјата слава!?“

Тогаш луѓето го тргнаа каменот. Исус го подигна погледот кон небото и рече: „Татко, Ти благодарам што Ми ја услиши молитвата. Јас знам дека Ти секогаш Ми одговараш на молитвите, но ова го реков заради народот што стои наоколу, за да поверуваат дека Јас сум Твој пратеник.“
Кога Исус ја заврши молитвата, извика: „Лазаре, излези надвор!“ Умрениот излезе, завиткан со повои околу нозете и рацете, а околу лицето му беше замотана шамија. „Одврзете го и пуштете го да оди!“ - им рече Исус. Тогаш мнозина од Евреите, кои беа дојдени кај Марија и видоа што направи Исус, поверуваа во Него.

Но некои од нив отидоа кај фарисеите и им кажаа што направи Исус. Тогаш свештеничките поглавари и фарисеите го свикаа Синедрионот и почнаа да се советуваат: „Што да правиме? Овој човек прави многу чуда! Ако го оставиме да продолжи вака сите ќе поверуваат во Него... Свештеничките поглавари и фарисеите издадоа заповед, ако некој дознае каде е Исус - веднаш да им јави, за да Го уапсат.

Јован 12

Многумина од старешините поверуваа во Исус, сепак, поради фарисеите криеја, за да не бидат исклучени од синагогата. Тие повеќе сакаа да добијат пофалба од луѓето, отколку од Бог.

Јован 13

Беше ден пред празникот Пасха. Исус знаеше дека дојде времето да замине од овој свет и да се врати кај Таткото. За време на вечерата (а Ѓаволот веќе го беше поттикнал срцето на Јуда Искариот, син на Симон, да Го предаде).

Исус длабоко се натажи и рече: „Ова што ќе ви го кажам е вистина: еден од вас ќе Ме предаде!“ Јуда веднаш излезе. А беше ноќ.

Јован 14

(Исус зборуваше): „Не вознемирувајте се! Верувајте во Бог! Верувајте и во Мене! Во домот на Мојот небесен Татко има многу живеалишта. Ако не беше така, зар ќе ви речев дека одам да приготвам место за вас? Откако ќе отидам и ќе ви приготвам место, повторно ќе се вратам и ќе ве земам кај Себе, за да бидете и вие таму каде што сум Јас.

Уште малку и светот повеќе нема да Ме гледа, но вие ќе Ме гледате; и бидејќи Јас живеам - ќе живеете и вие. Кога ќе дојде тој ден, ќе сфатите дека Јас сум едно со Мојот Татко, вие сте едно со Мене и Јас сум едно со вас. Тој што ги прифаќа Моите заповеди и ги исполнува - покажува дека Ме сака. А секој што Ме сака, ќе биде сакан и од Мојот Татко и од Мене и Јас ќе му се објавам.“

Јован 15

Исус зборуваше): „Јас ве сакам исто како што и Таткото Ме сака Мене. Останете под закрилата на Мојата љубов. Вие ќе останете под закрила на Мојата љубов, ако ги извршувате Моите заповеди, исто како што Јас ги исполнив заповедите на Мојот Татко и останувам под закрила на Неговата љубов. Ова ви го кажав за да бидете наполно радосни, како што Сум Јас.

Сега ви заповедам: Сакајте се меѓу себе како што Јас ве сакам. Најголема љубов што некој може да ја искаже спрема своите пријатели е да го даде својот живот за нив.

„Кога луѓето од овој свет ќе ве мразат, сетете се дека прво Мене Ме замразија. Да не бев направил чуда меѓу нив, какви што никој друг не направил, немаше да бидат виновни за грев. Но тие, и покрај тоа што ги видоа Моите дела, сепак не замразија и Мене и Мојот Татко. Но ова е за да се исполни претскажаното во Светото Писмо: ,Без причина Ме замразија‘.

Јован 16

(Исус зборуваше): Ќе плачете и ќе тагувате, а светот ќе се радува. Вие ќе тагувате, но подоцна вашата тага ќе се претвори во радост. вие сега сте полни со тага. Но повторно ќе се видиме и ќе се израдувате; таа радост не ќе може никој да ви ја одземе!... Таткото и Самиот ве сака, бидејќи вие Мене Ме засакавте и поверувавте дека Јас дојдов од Бога. Јас дојдов од Таткото и влегов во светот. Сега заминувам од светот и се враќам кај Таткото.“

Јован 17

Откако Исус ги искажа овие работи, го подигна погледот кон небото и почна да се моли:
”Татко, дојде часот да Го прославиш Својот Син, за да може Синот да Те прослави Тебе; зашто, Ти Му даде власт над сите луѓе, да може да им даде вечен живот на сите оние што Му ги имаш дадено. А вечен живот е ова: да Те познаат Тебе, единствениот вистински Бог, и Исус Христос, Кого Ти Го испрати‘.
Јас Ти донесов слава овде на Земјата со тоа што ја извршив задачата што Ти ми ја довери. А сега, Татко, врати ми ја одново славата што ја имав со Тебе пред создавањето на светот.

А сега, Јас се враќам кај Тебе и овие работи ги кажувам додека сум се уште во светот, за Моите следбеници да ја имаат во себе истата, целосна радост, што ја имам Јас. Јас им ја предадов Твојата порака, но светот ги замрази, зашто тие не му припаѓаат на светот, исто како што ни Јас не му припаѓам на светот.

Не молам само за овие Мои следбеници, туку и за оние што ќе поверуваат во Мене како резултат на нивното проповедање,

Праведен Татко! Светот Тебе не Те познава, но Јас Те познавам, а Моите следбеници сфатија дека Ти Ме испрати. Јас им објавив за Тебе и ќе продолжам да Те објавувам. Тогаш љубовта што ја имаш Ти спрема Мене ќе стане дел од нив и Јас ќе бидам во единство со нив.“

Јован 18

Откако заврши со молитвата, Исус отиде со Своите ученици од другата страна на сезонскиот поток Кидрон, каде што имаше една овошна градина. Тој и Неговите ученици влегоа во неа. А предавникот Јуда го знаеше тоа место, зашто Исус и Неговите ученици често се собираа таму. Тогаш дојде и Јуда, предводејќи еден одред војници и гардисти на храмот, испратени од свештеничките поглавари и од фарисеите. Тие беа вооружени, а носеа и факли и фенери.
Иако знаеше што се мора да Му се случи, Исус излезе и ги праша: „Кого барате?“

Тие Му одговорија: „Исусa од Назарет!“

“Јас сум Тој“ - им рече Исус. Таму, со групата, стоеше и предавникот Јуда. Тогаш римскиот заповедник, со својот одред и со гардистите на храмот, Го уапси Исуса и Го врзаа.

Пилат излезе кај нив и ги праша: „Какво обвинение поднесувате против Овој човек?“

Тие му одговорија: „Да не беше Овој човек злосторник, зар ќе ти го доведовме!?“

Но Пилат им рече: „Земете Го и судете Му според вашиот Закон!“
„Нам не ни е дозволено да извршуваме смртна пресуда над никого“ - му рекоа Евреите. (Така започна да се исполнува она што го рече Исус за начинот на кој Тој ќе умре).

Јован 19

Тогаш Пилат нареди Исус да биде камшикуван. Војниците исплетоа венец од трње, Му го ставија на главата и Му облекоа пурпурна наметка. Потоа одеа околу Него и викаа: „Здраво, царе на Евреите!“ и Го удираа со тупаници.
Пилат повторно излезе надвор, па им рече на Евреите: „Еве, ќе ви Го изнесам надвор, но да знаете дека не најдов никаква вина кај Него!“ Тогаш Го изведоа Исуса со трнов венец на главата и со пурпурната наметка. Пилат им рече: „Еве Го човекот!“ Кога Го видоа свештеничките поглавари и гардистите на храмот почнаа да викаат: „Распни Го! Распни Го!“

Пилат им рече: „Земете Го, и самите распнете Го, зашто јас не најдов никаква вина кај Него!“
Евреите му одговорија: „Тој тврдеше дека е Божјиот Син! Според нашиот верски Закон Тој мора да биде осуден на смрт!“

Кога го слушна тоа, Пилат уште повеќе се исплаши, влезе повторно во палатата и Му рече на Исус: „Од каде си Ти?“

Но Исус не му одговори.

„Зар одбиваш да зборуваш со мене!?“ - му рече тогаш Пилат. „Зар не знаеш дека јас имам власт да те пуштам или да те распнам!?“

Исус му одговори: „Да не ти беше дадена од Бога, ти немаше да имаш никаква власт над Мене. Затоа, оној што Ме предаде е виновен за поголем грев.“

Кога го слушна ова, Пилат сакаше да Го ослободи, но Евреите се развикаа: „Убиј го! Убиј го! Распни го!“ Тогаш Пилат им Го предаде, за да Го распнат. Тие Го одведоа Исуса.

Носејќи го сам крстот, Исус дојде до местото наречено Череп, кое на арамејски јазик се вика Голгота. Таму Го распнаа.

Потоа, знаејќи дека целокупното Негово дело е завршено, а за да се исполни Светото Писмо, Исус рече: „Жеден сум!“ Таму имаше еден сад полн со вински оцет. Откако закачија сунѓер натопен во винскиот оцет на една прачка од хисоп, Му го принесоа до устата. Штом вкуси од винскиот оцет, Исус рече: „Се сврши!“ Потоа ја наведна главата и умре.

Тој ден, петок, беше денот на подготовка за утрешниот празник Пасха, кој за Евреите претставува особено значаен празник. Затоа тие побараа од Пилат да им ги прекрши нозете на распнатите и да ги симне, за да не останат да висат телата распнати на крстовите и во саботата.

Така, војниците дојдоа и најпрво им ги прекршија нозете на другите двајца кои беа распнати со Исус. А кога дојдоа до Исус видоа дека веќе е мртов, па не Му ги скршија нозете. Наместо тоа, еден од војниците со копје Го прободе под ребрата, при што потекоа крв и вода.

Пилат му одобри и Јосиф отиде и го зеде телото од крстот. Дојде и Никодим со околу триесет и четири килограми смеса од ароматични смоли. Тоа беше оној Никодим кој порано беше дошол кај Исус ноќе. Тие го зедоа Исусовото тело и го завиткаа во платно, заедно со ароматичните смоли, според еврејскиот обичај на подготвување за погреб. А на местото каде што Го распнаа имаше една градина и во неа една нова гробница, во која се уште никој не беше погребуван. Таму го положија телото на Исус, зашто гробот беше близу, а тие се брзаа, бидејќи беше ден на подготовка за саботата и Пасхата.

Јован 20

Во неделата, уште во рани мугри, додека се уште беше темно, Марија Магдалена дојде на гробот и го виде каменот иставен од отворот на гробницата. Таа со трчање отиде кај Симон Петар и кај другиот ученик, кој му беше љубимец на Исус, па им рече: „Го зеле телото на Господ од гробницата, а не знаеме каде Го преместиле“
Тогаш Петар и другиот ученик излегоа и се упатија кон гробот. Обајцата трчаа, но другиот ученик истрча побрзо од Петар и прв втаса до гробот. Тој се наведна и го виде платното како лежи таму, но не влезе внатре.

Кога стигна и Симон Петар, влезе во гробот, па го виде платното како лежи таму, како и погребната шамија која беше употребена за завиткување на Исусовата глава. Шамијата не беше заедно со платното, туку беше одвоено свиткана на едно место. Тогаш влезе и другиот ученик, кој прв дојде до гробот, па виде и поверува; Потоа учениците се вратија дома.

Марија Магдалена стоеше надвор до гробницата плачејќи. Додека така плачеше, таа се наведна над влезот на гробницата и виде двајца ангели во бело како седат на местото каде што било Исусовото тело: едниот кај главата, а другиот кај нозете.

Ангелите ја прашаа Марија: „Зошто плачеш?“

“Го зеле телото на мојот Господ и не знам каде Го преместиле!“ - им рече таа

Штом го рече тоа, таа се сврте и Го виде Исуса како стои таму, но не Го позна.
Исус и рече: „Зошто плачеш? Кого бараш?“ Мислејќи дека тоа е градинарот, Марија Му рече: “Господине, ако си Го зел телото ти, кажи ми каде си го преместил и јас ќе го земам.“

Исус и рече: „Мирјам!“ Таа се сврте и Му одговори на хебрејски: „Рабани!“ (Во превод значи: ,Учителе‘.)

Исус и рече: „Не држи се за мене, зашто се уште не Сум се вратил кај небесниот Татко. Оди кај Моите ученици и кажи им дека Јас се враќам кај Мојот Татко и Бог, Кој е и ваш Татко и Бог.“

Тогаш Марија Магдалена отиде и им јави на Исусовите ученици: „Го видов Господ!“ Потоа таа им го пренесе она што Исус и го кажа.

Во истиот тој ден, а беше недела, кога се стемни, Исусовите ученици се беа собрале зад затворени врати, поради страв од еврејските верски водачи. Тогаш Исус ненадејно се појави, застана на средина и ги успокои со поздрав.

Потоа им ги покажа рацете и ребрата отстрана. Кога видоа дека тоа е Господ, учениците многу се израдуваа. Исус повторно ги успокои, пренесувајќи им Го својот мир, а потоа им рече: „Како што Мене Ме прати небесниот Татко, така сега Јас ве праќам вас.“ Откако го рече тоа, Тој им вдахна од Својот Дух, велејќи: „Примете Го Светиот Дух!

Иако Тома (со грчки прекар Дидимус) беше еден од дванаесетте Христови ученици, тој не беше со нив кога Исус им се појави.

Другите ученици го уверуваа: „Го видовме Господ!“ Но тој им велеше: „Додека на Неговите раце не ги видам лузните од клиновите и не ги ставам прстите во раните од клиновите, а раката под Неговите ребра - нема да поверувам!“

По осум дена, учениците повторно беа собрани внатре, а овојпат и Тома беше со нив. Иако вратата беше заклучена, Исус дојде, застана насреде и ги успокои со поздрав!

Потоа му рече на Тома: „Стави ги своите прсти овде и погледни ги Моите раце; испружи ја раката и стави ја на лузната под Моите ребра. И престани да се сомневаш, туку верувај!“

Тогаш Тома Му се обрати со зборовите: „Ти Си мојот Господ и мојот Бог!“

А Исус му рече: „Ти поверува затоа што Ме виде; благословени се оние што веруваат, иако не Ме виделе!“

Види што ти нуди Исус. Погледни го Повеќе од слепа вера.

 Како да започнеш лична врска со Бог?
 Имам прашање…

СПОДЕЛИ ГО ТЕКСТОТ:
WhatsApp Share Facebook Share Twitter Share Share by Email More